Напредно
Пребарување

Школските ормарчиња сеуште не се заживеани па така да дечињата во основно училиште особено првачињата носат ранци полни со книги, секојдневно од дома до училиште и назад кои некогаш тежат и повеќе од 8 килограми. Првите септемвриски денови не може да се замислат без разиграни дечиња од прво одделение. Нови другарчиња, ранци полни со нови книги кои претставуваат голема радост за нив. Што ако ранците се толку тешки за децата да не можат да ги носат? Самиот ранец обично тежи околу 1 килограм, со потребните книги и тетратки, ужинката со шишенце вода, ранците достигаат тежина дури и до 5 килограми. Често пати се случува самите родители да ги пратат децата се до самото училиште за да го носат ранецот наместо нив.

Стручните лица процениле дека училишниот ранец полн со книги не треба да поминува 10 – 15% од тежината на детето. Со тоа што едно дете кое тежи околу 20 килограми не треба да носи ранец потежок од 2 – 3 килограми. Истражувањата покажуваат дека 65% од болките кај децата во вратот и рамениот појас како и 35% од болките во лумбалниот  дел на `рбетот настануваат како последица од тешки ранци.

Последци од неадекватни училишни ранци

Последици од неадекватни училишни ранци и неправилно носење на истите се лоша поставеност и деформитети на `рбетниот столб и стапалата. Колку е тоа често кај децата во училишна возраст но и кај студентите говорат резултатите од редовните систематски прегледи.

Од година во година процентот на дечињата кај кои се појавуваат овие проблеми како и степенот на изрзеност е се поголем.

Тоа се одразува на целокупната здравствена состојба кај децата како и на концентрацијата при пратење на наставата, моторните способности (издржливост, брзина и спретност) што се заедно влијае на целокупниот успех во училиште.

Како правилно да се носи училишниот ранец?

Доколку книгите и тетратките не се правилно распоредени, таквиот ранец може да ја поремети рамнотежата, а воедно може да доведе и до пад при нагло подигнување или вадење на ранецот. На средината на ранецот прво се ставаат поголемите и потешки книги, а потоа помалите и полесните напред.

Правилното носење на ранецот е исто така важно, да се носи на двете раменици, никако префрлен преку едно рамо или пак во раце. Препорачливо е да се користат појаси за фиксација околу половината.

Исклучок се ранците на тркалца кои се доста практични и го намалуваат оптоварувањето кај децата. Дополнителниот прибор за часовите по ликовно и физичко не се носи секој ден, па така да може да се постави и во посебна кеса.

Ранецот не треба да е предолг, за да не го удира детето при движење. Најважно е да се процени дали детето при носење на ранецот може слободно и нормално да ја движи главата лево – десно и да ги испружи рацете на страна и нагоре.

Наместо ранец на едно рамо, препорачливо е да се носат соодветни ранци за двете раменици, за правилно распоредување на тежината. Доколку не се води сметка околу здравјето на `рбетот во детството, последиците ќе се почувствуваат во подоцнежна возраст. Доста рано е возможно да се појават дегенеративни промени, болки во `рбетот и потреба за физиотерапија.

Но со изборот на добар ранец не завршува се. За правилна поставеност на `рбетот е многу значајна и мускулната сила. Доколку детето по цел ден седи, после некое време ќе почне да седи свиткано кон напред со тоа што таа позиција ќе почне да ја применува и кога ќе се движи. Колку се послаби мускулите на грбот, толку побрзо се појавува искривување на `рбетот.

Светската здравствена организација (СЗО) вели дека минимална физичка активност на едно дете дневно треба да е еден час. За да таа активност има ефект мора да доведе до забрзана работа на срцето како и дишењето. Комбинирање на пливањето со некој спорт може доста да допринесе во зајакнување на мускулатурата на `рбетот и правилниот развој на детето .

 

Никодин Велјаноски

Спец. Физиотерапевт,

Сертифициран кинезиотејпинг практичар

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.