Болката во лумбосакралниот предел е една од најчестите болки (состојби) речиси на секој човек на денешницата. Во ова современо општество се смета дека лумбосакралниот синдром претставува здравствен проблем на современиот човек.
Се смета дека 75% од популацијата страда од болки во лумбосакралниот предел и тоа е во најпродуктивната возраст од 30тата до 50тата година од животот.
Причините се повеќеброни, а како најважни може да се издвојат исправениот став на човечкото тело како и седечкиот начин на живеење и работење.
Лумбосакралниот синдром претставува појава на тегоби (болки) со пореметување на функцијата на лумбосакралниот дел од `рбетот и заштитна мускулна реакција (спазам).
Постојат повеќе термини кои се употребуваат при појава на проблеми во оваа регија и тоа: дископатија, лумбаго, лумбоишијалгија, ишијас и слично.
Лумбосакралниот синдром претставува збир на симптоми од различна етиологија кои се презентираат во вид на болка во оваа регија и тоа на преминот од лумбалниот кон сакралниот дел од `рбетот.
Лумбосакралниот синдром може да биде:
- Неспецифичен и тоа:
- Акутен (болка во период помал од 6 недели)
- Субакутен (6 – 12 недели)
- Хроничен (над 12 недели)
Предиспонирачки фактори кои може да предизвикаат лумбосакрален синдром:
- Неправилно подигнување на тежина;
- Неправилно носење на товар;
- Долготрајно задржување во една позиција (стоење, седење);
- Долго возење во автомобил;
- Долго одење;
- Нагло виткање на телото;
- Прекумерна телесна тежина;
- Лоши позиции при спиење;
- Хроничен стрес.
Клиничката слика може да се појави одеднаш (акутно) или постапно (хронично). Болката е локализирана во лумбосакралната регија но може да се шири низ глутеалната регија кон надворешната страна на натколеницата па се до стапалото и прстите.
Телото реагира на таков начин што секогаш се бара анталгична позиција. Болката е променлива во однос на временските услови и активностите, а исто така се зголемува при кашлање, кивање неправилни позиции на телото и слично.
При третманот на лумбосакралниот синдром најважно пред се е соодветниот физиотерапевтски преглед и физиотерапевтската проценка.
ТРЕТМАН
Во акутна фаза при лумбосакрален синдром пациентот треба да се ограничи од долго лежење во кревет поради ризик од појава на атрофија на мускулатурата и премин на состојбата во хронична фаза.
Најдобро е да се седи во анталгична позиција, односно позиција каде што болката е најмала.
Се советува да се избегнуваат позиции и активности кои болката ја носат до израз.
Од физикална терапија се препорачува криотерапија (криомасажа) која има аналгетско и антиинфламаторно дејство, електроаналгетски процедури (ТЕНС терапија, галвански струи, интерферентни струи, дијадинамични струи) кои што може да се применуваат и во домашни услови.
Кинезитерапија односно вежби не се препорачуваат доколку болката е многу силна.
Спиналната манипулација може да биде доста ефикасна.
Во оваа фаза од големо значење е да се спомене третманот со апаратот за функционална магнетна стимулација (FMS – Tesla Care) кој што и покрај силното магнетно поле од 3 Т , може да се применува во акутната фаза. Пациентот се поставува во седната или легната позиција и соодветно се третира во пределот на болната регија и долните екстремитети. Третманот е бесконтактен, на растојание од 3 – 5см од кожата. Влијае на мускулното ткиво, ја подобрува циркулацијата, а исто така влијае и на рецепторите за болка со што се намалува болката.
Во субакутна фаза од физикална терапија препорачливо е да се применат топлотни процедури, електротерапија, електромагнетна терапија како и ласер. Во оваа фаза доста големо значење има и мануелната масажа.
Во оваа фаза акцент се дава и на оние вежби кои што доведуваат до редукција на болката. Контраиндицирани се брзи и неадекватни движења односно хиперекстензија и ротација на телото.
Во хронична фаза интензивно треба да се применуваат топлински процедури (парафинотерапија) како и аналгетски електропроцедури (краткобранова дијатермија, дијадинамични струи, интерферентни струи, ултразвук, хидротерапија). Мануелната масажа има големо значење и во оваа фаза.
Кинезитераписките вежби се препорачани, особено за зајакнување на мускулатурата.
Најсоодветниот третман на лумбосакралниот синдром е да се спречи неговото појавување.
Што е важно да се знае при превенција:
- Да се завземаат соодветни заштитни позиции при одредени физички активности;
- Да се зајакнува мускулатурата со континуирано вежбање за подобра постура и правилно распоредување на тежината на телото врз мускулите;
- Да се бараат најсоодветни позиции при спиење, седење и движење, односно да се избегне оптоварување на `рбетот подолго време во една иста позиција;
- Редовни вежби, пешачење и спортување.
Подобрувањето на животниот и работниот стил, како и примената на редовно вежбање спречува појава на лумбосакрален синдром.