Пост Covid-19 физиотерапија
Годината која измина ќе ја запаметиме по почетокот на пандемијата со корона вирусот т.е новиот SARS-CoV-2, познат како COVID-19. На почетокот фокусот беше насочен кон третманот на хоспитализираните тешко болни пациенти. Сега , после неколку месеци борба со вирусот треба да се соочиме со последиците кои ги остава овој вирус кај COVID-19 пациентите . Од она што го увидовме во последниот период ,пациентите кои успешно се опоравиле од болеста страдаат од краткорочни и долгорочни ефекти предизвикани од болеста. Третманот на овие ефекти бара многу напор и време за рехабилитација и во наредниот период физиотерапевтите ќе бидат од суштинско значење во обезбедувањето на овие услуги за рехабилитација.
Кои се најчестите последици со кои се соочуваат пациентите кои го прележале заболувањето?
Од нашето искуство , т.е од информациите кои ги добиваме од нашите пациенти во периодот после хоспитализацијата истите најчесто страдаат т.е се жалат на замор, мускулна слабост , болки во зглобовите, болка во градите, отежнато дишење (диспнеа) и намален квалитет на живот. Но сепак за поконкретни резултати за ефектите потребно е да се направи поголемо истражување за да се утврди кои од последиците се најчести и колку долго е потребно за опоравување од истите . Но имајки предвид дека во моментов сме во криза т.е пандемија во која секое празно место во болниците се користи за акутно и тешко болни пациенти, ќе мора да се почека за официјални резултати од светските истражувања и официјални ставови на светските организации .Пациентите кои се отпуштени од болница честопати добиваат совети за постепено зголемување на нивните активности во секојдневниот живот и им се даваат функционални физички и респираторни вежби кои треба да ги извршуваат дома. Во овој период можат да се искористат сите можности за теле-медицина т.е за онлјан консултации за да може да се продолжи со советување и да се води евиденција за состојбата на пациентите и да се даде насоки во случај да има потреба од страна на физиотерапевт .
Физиотерапевтска проценка на пациентите кои го прележале COVID-19
Препораките предвидуваат дека пациентот треба да се јави на физиотерапевтска проценка две недели по излегувањето од болница или откако симптомите ќе бидат намалени доколку продолжиле или се развиле нови функционални ограничувања . Оваа консултација со физиотерапевтот се спроведува со цел да се утврди состојбата на воочените ограничувања во физичкото функционирање на кои се жали пациентот .
Физиотерапевтите преку примена на соодветни мерења и тестирања можат да го проценат физичкиот и белодробниот статус на пациентот преку соодветни функционални тестови и мерења и дадат предлог за започнување со процесот на пост ковид-физиотерапија.
Препорачливо e да се користат следните мерења и тестирања за проценка :
- Скалата за специфична функционалност на пациентите (PSFS)
- Мерење на периферна сатурација и срцева фрекфенција ,пред ,за време и после физичка активност .
- Борг скала CR10 пред ,за време и после физичка активност.
Исто така, од суштинско значење е физиотерапетвот да ја земе предвид и информацијата за тоа дали пациентот бил лекуван и колку долго на оддел за интензивно лекување бидејќи овие пациенти обично имаат многу мала толеранција за вежбање. Друг важен фактор е да се провери постоењето на коморбидитети стекнати пред или од КОВИД-19, вклучувајќи ги и евентуално погодените органи. Врз основа на добиените информации од други медицински прегледи и самиот пациент, заедно со специфичните потреби на пациентот, физиотерапевтот одлучува дали постои индикација за физиотерапија. Најчесто тоа се пациенти, кои имаат намален функционален капацитет и/или намалено ниво на физичка активност.
Според сите светски препораки пациентите треба да направат контролен преглед кај интернист,кардиолог или пулмолог првиот месец после отпуштањето од болница со цел да се спроведе специфична проценка на белодробната и срцевата функција. Резултатите од овие тестови ке ја покажат моменталната физичка кондиција на пациентот , а тоа е дополнителна информација која ќе му помогне на физиотерапевтот да направи соодветен програм со специфични вежби и да го води пациентот низ процесот на рехабилитација според неговите потреби и цели .
Каков тип на третмани вклучува Post-COVID-19 физиотерапијата ?
Видовите и бројот на тремани кај овие пациенти е според нивните потреби и можности т.е во зависнот од ефектите предизвикани од болеста . Физиотерапијата има голем број на техники и методи кои можат да се искористат за да влијаат на подобрувањето на физичкиот и белодоробниот капацитет. Предност има респираторната физиотерапија , која може да биде комбинирана со дополнителен третман за мускулно скелетниот систем доколку дозволува моменталниот статус на пациентот . Индивидуалниот план за физиотерапија може да содржи специфични вежби со ерговелосипеди, тренажери, респираторна физиотерапија, електротерапија за зајакнување на мускулатурата и слично . Дел од третманите може да бидат спроведувани и во домашни услови со давање на домашни задачи на пациентите (тие со подобра состојба) . Станува збор за индивидулани програми со вежби за кои пациентот ќе биде едуциран за правилно спроведување и контролиран преку онлјан консултации.
Цели на Post-COVID-19 физиотерапијата
Целта на третманот со физиотерапија е да му овозможи на пациентот дополнително да ја зголеми физичката активност и да го подобри капацитетот за вежбање. Се чини дека е разумно да се претпостави дека принципите на третмани , како што се оние што се користат со пациенти со хронични белодробни заболувања, можат да се применат кај пациенти по КОВИД-19. Кога резултатите од претходните тестирања не покажуваат сериозно ограничување или ризици, интензитетот на третманот и времетраењето и видот на вежбите може постепено да се зголемуваат.
За да се минимизира ризикот од опасност од преоптоварување, треба да се измери заситеноста на кислород (Spo2) пред, за време и по вежбање. Ако пациентите не покажат никакви негативни промени на заситеноста за време на физичка активност и вежбање во првите 2 недели од зголемениот интензитет на вежбање, тогаш интензивното следење на SpO2 не е индицирано повеќе. Планот за вежбање треба да се фокусира на формулираните цели на третманот, кои тие треба да се засноваат на тековните физички функции и нивоата на активност на пациентот.
Доколку се идентификуваат ограничувања кои не можат да се решат во областа на физиотерапијата, пациентот треба да биде упатен повторно кај интернист , пулмолог или кардиолог со цел да се изнајде друго решение на проблемите .
Иако многу прашања сеуште не се одговорени, бидејки пандемијата е во тек , сепак времето и претходното искуството ќе ни помогнат да ги идентификуваме специфичните потреби на пациентите после COVID-19 во областа на физиотерапијата и според истите да започнеме со индивидуална рехабилитација кај овие пациенти .