Напредно
Пребарување

Пешачењето е основна физичка активност кое како форма на движење, само по себе е дел од нашиот генетски код и примарна човечка функција. Несомнено, пешачењето е едно од најздравите навики кај луѓето, кое доколку редовно и правилно се практикува има огромен број  здравствени придобивки врз здравјето кај сите нас. Пешачењето е најдобриот и најбезбеден рецепт за добро ментално и физичко здравје кај човекот. Предноста на движењето е тоа што целото тело функционира подобро и правилно, а за време на движењето целото тело многу подобро ги извршува физиолошките процеси. Пешачењето е биолошки императив исто како што е и храната. За многумина пак пешачењето претставува задоволство, уживање, намален стрес на зглобовите во однос на активности како трчањето, и затоа го претпочитаат како опција за нивна рекреација и тренинг. Она што го прави пешачењето толку значајно е директната поврзаност на
срцето и зглобовите, но и на целокупното здравје. Токму затоа, треба пешачењето да ви стане дел од секојдневната рутина. За жал, поради модерниот и брз начин на живот, секојдневните обврски, пешачењето како форма на физичка активност е загрозено.

Создавање навика за пешачење

Не е лесно, но е возможно! Најлесен начин да пешачите повеќе е да се создаде навика. Дел од примерите се:

  • свртете круг околу зграда
  • Пешачење како „превозно средство“ до работа
  • Одење пеш до продавница/маркет
  • Користење на скали наместо лифт
  • Практикување редовна прошетка со пријател, друштво
  • Редовна прошетка со вашиот миленик

За 30 дена ќе ја создадете навиката за активност! Ако постои една единствена работа која ќе направи најдраматична позитивна промена во вашето здравје тоа е да станете поактивни. Понекогаш не е доволно само да се даде мотивација и инспирација, туку треба да се каже и како да успееме во тоа.

Правилна техника за одење

Претворањето на вашата прошетка во секојдневна физичка активност бара добро држење на телото и целни движења. Идеално, еве како да треба да изгледате додека одите:

  • Главата е горе. Погледот насочен право, а не нагоре или кон земја.
  • Вратот, рамената и грбот се опуштени, а не цврсто стегнати.
  • Занишување со рацете кои се олабавени покрај тело и малку свиткани во лакти.
  • Лесно пумпање со шаките и стегање во тупаница е дозволено и е во ред.
  • Мускулите на стомакот се малку затегнати
  • Грбот е исправен, ниту свиткан напред ниту назад
  • Движете ги нозете газејќи со стапалата на пета-прсти

Здравствени придобивки

Физичката активност не мора да биде комплицирана. Нешто едноставно како секојдневна прошетка може да ви помогне да живеете поздрав живот. Редовното одење има голем број примери за здравствени придобивки кај луѓето, а дел од нив се:

  • Одржување на здрава телесна тежина
  • Губење вишок килограми
  • Спречување или управување со разни состојби, вклучувајќи срцеви заболувања, висок крвен притисок, дијабетес тип 2
  • Зајакнување на коски и мускули
  • Подобрување на расположение
  • Намалување на стрес
  • Подигнување на самодоверба
  • Подобрување на рамнотежа и координација
  • Намалување на ризик од појава на рак
  • Подобрување на имунолошкиот систем
  • Забавување на процесот на стареење и др.

Колку побрзо, подалеку и почесто одите, толку се поголеми и придобивките. Без разлика дали сте
млад или возрасен за да ги осетите придобивките од пешачењето треба постојаност, дисциплина и време. Ефектот ќе го почувствувате со сигурност, доволно ќе биде да сте трпеливи. Секоја планирана промена врз телото треба да биде безбедна, здрава и долготрајна, а секако тука имаат влијание и други фактори.

Почнете со пешачење уште ДЕНЕС!

Пред да започнете со пешачење најважно е да обезбедите соодветни обувки, патики или чевли кои ќе дадат соодветната подршка на телото без да ризикувате појава на деформитети и плускавци на нозете. Ортопедски влошки кај одредени состојби се исто повеќе од потребни. За започнување со програма за одење потребна е мотивација, иницијатива и посветеност. Доколку
за првпат спроведувате програм започнете со 3-4 пати во текот на неделата, со 20-30 минутно пешачење со просечна брзина на пешачење од 5-6 км на час и постепено зголемувајте го времето
и бројот на денови кога го практикувате. За да ја избегнете монотоноста, менувајте ги рутите,
слушајте музика или пешачете со пријател, друштво или миленик. Доколку временските прилики
не се соодветни тогаш направете го тоа на тредмил. Често менувајте го темпото на одење и наклонот доколку имате можност, користете и мали тегови за рацете и нозете со кој што дополнително ќе ги тонизирате екстремитетите и ќе вложите поголем напор во пешачењето. Стаповите за пешачење се исто така опција доколку сакате да ги активирате рацете и лумбалната
регија. Една од техниките за подобро пешачење е да имате увид за тоа колку чекори правите. Можете да симнете педометар апликација на вашиот мобилен телефон и да ја следите вашата физичка активност во целост (колку калории се согорени, направени чекори, изодено растојание итн.)

Ограничувања

  • Ако зглобовите се проблем (одредена хронична/дегенеративна состојба), пробајте со одење и вежби во базен. Водата ги поддржува зглобовите додека се движите и помага да ги зајакнете мускулите.
  • Ако сте биле неактивни поради одредена здравствена состојба, побарајте совет од вашиот доктор во кординација со вашиот физиотерапевт пред почнување со било каква активност.
  • Ако не можете да го напуштите домот самостојно (попреченост), вашиот физиотерапевт ќе биде подршката која ви е потребна.

Заклучок

Оправдување не треба да има, а времето гледајте го како ваш сојузник. Секогаш давајте им разновидност на вашите прошетки. Градот Скопје нуди интересни места за прошетки, вклучувајќи: маалски паркови, големиот градски парк, разни патеки за прошетки низ градот, патеката покрај Вардар, шумски територии, Водно, Скопска Црна Гора, Матка итн. Според истражувањата на реномирани меѓународни организации, лицата кои пешачат живеат во просек две години повеќе од оние кои не пешачат и земаат 15 отсто помалку денови за боледување. Да потенцираме дека пешачењето покрај големиот број на придобивки врз здравјето на луѓето претставува и алтернативна форма на мобилност, која придонесува за здрава животна средина, намалено загадување, намален сообраќаен метеж и намалена бучавост. Освен тоа пешачењето создава пријателства и ја подобрува комуникацијата со луѓето и со околината.

Согласно се она горенаведено пешачењето треба да биде ваша секојдневна, позитивна навика од која добиваат сите, а најмногу вие самите!

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.