
Јас сум Блаже Арсов, дипломиран физиотерапевт, основач и сопственик на платформата fizioterapevti.mk, проект создаден од желба да придонесе кон развојот, промоцијата и дигиталната трансформација на физиотерапијата во Македонија.
Приказната на платформата започна уште во 2014 година како дел од друга веб страница, а од 2018 година продолжи како самостоен проект во целосно нов и надграден формат. Во изминатите години fizioterapevti.mk прерасна во најголемата македонска онлајн мрежа посветена на физиотерапијата, обединувајќи голем број физиотерапевти, професионални профили и стотици едукативни и информативни содржини наменети за пациентите и пошироката јавност.
Основната цел на платформата е да ги поврзе физиотерапевтите и пациентите на едно место и да ја направи физиотерапијата подостапна, поразбирлива и полесно достапна за сите македонски граѓани. Верувам дека квалитетната здравствена услуга започнува со достапни информации и лесна комуникација помеѓу пациентот и здравствениот професионалец.
Како општествено одговорен проект, повеќе од една деценија инвестирам сопствено време, труд и ресурси за развој на бесплатни дигитални алатки и услуги наменети за физиотерапевтите во Македонија. Мојата визија отсекогаш била да создадам заедница во која секој физиотерапевт ќе има можност да ја претстави својата работа, да ги сподели своите знаења и да биде полесно достапен за пациентите.
Во јули 2024 година платформата беше дополнително надградена со отворање на специјализирана онлајн продавница, преку која физиотерапевтите можат да набавуваат оригинални и квалитетни уреди, помагала и потрошни материјали потребни за нивната секојдневна работа. Истовремено беше активиран и бесплатен систем за закажување термини, кој им овозможува на физиотерапевтите поедноставна организација на работата и подобра комуникација со пациентите.
fizioterapevti.mk е отворена мрежа наменета за сите физиотерапевти во Македонија, без разлика на нивната припадност кон одредено здружение или организација. Нема членарини, нема ограничувања и нема скриени услови. Нашата цел е да му дадеме можност на секој физиотерапевт бесплатно да создаде професионален профил, да ја промовира својата работа, да објавува едукативни текстови и да стане дел од Македонската мапа на физиотерапевтите, која им помага на пациентите полесно да пронајдат стручен и квалитетен третман.
Секој физиотерапевт може бесплатно да креира свој професионален профил со бројни можности за презентација на услугите, контакт со пациенти и градење на сопствен професионален идентитет. Воедно, и пациентите можат бесплатно да креираат профил и директно да комуницираат со физиотерапевтите преку интегрираниот систем за пораки и консултации.
Ги поканувам сите физиотерапевти да станат дел од оваа заедница и заедно да придонесеме кон посилна, повидлива и подобро поврзана физиотерапевтска професија во Македонија. Верувам дека преку соработка, споделување знаење и меѓусебна поддршка можеме да создадеме подобра иднина за физиотерапевтите и уште поквалитетна грижа за пациентите.