Гостување на Сител ТВ: Движењето е основа за здраво и функционално тело
Физиотерапија и физичка активност беа во фокусот на моето гостување во утринската програма на Сител ТВ, каде разговаравме за тоа како современиот начин на живот влијае врз телото и здравјето.
Зборувавме за најчестите проблеми со кои денес се соочуваме – болки во вратот, рамениот појас и грбот, долго седење, неправилно држење на телото, прекумерно користење мобилни телефони и компјутери, како и недоволната физичка активност.
Посебно внимание посветивме на таканаречениот „text neck“, односно преоптоварувањето на вратот и рамениот појас при долго користење мобилен телефон, но и на проблемите со раката и зглобот кај луѓето кои секојдневно работат со компјутер.
Разговаравме и за болките во грбот, дископатијата, хернијата на диск, проблемите со рамото и тендинопатиите, како и за тоа кога и како физиотерапијата може да помогне.
Како физиотерапевт, секогаш сакам да ја истакнам важноста на активното учество на пациентот во процесот на рехабилитација. Кинезитерапијата, терапевтското вежбање, мануелната терапија и правилно дозираното движење имаат особено значење, додека физикалните процедури можат да бидат дополнување во зависност од конкретната состојба.
Физиотерапијата има важна улога во процесот на рехабилитација, особено кога терапијата е индивидуално прилагодена на потребите и функционалната состојба на пациентот.
Разговаравме и за најмладите и највозрасните – за важноста на правилниот физички развој кај децата, но и за тоа како повозрасните можат преку редовно движење, вежби за сила, мобилност и рамнотежа да останат активни и функционални.
Мојата порака е едноставна: не треба да чекаме да се појави болка за да започнеме да се грижиме за нашето тело.
Движењето, правилно избраните вежби, добрите секојдневни навики и навремената физиотерапевтска проценка можат да направат голема разлика во квалитетот на нашиот живот.
Благодарам на Сител ТВ за поканата и можноста да разговараме за тема која е важна за сите нас.