Во областа на мануелната терапија, се повеќе станува јасно дека телото не треба да се третира во изолирани делови. Човечкото тело не е машина направена од посебни прегради, туку жив, активен и комплексен организам. Поради непрекинатоста на фасцијата, логично е дека мануелната медицина не треба да се фокусира на еден сегмент туку на целата личност.
Фасцијата е сврзно ткиво што го обвиткува целото тело – и ја поврзува секоја структура, од мускули и органи до нерви, крвни садови и коски. Фасцијата не е само “обвивка”, туку активен систем кој учествува во движењето, стабилноста, перцепцијата и адаптацијата на телото.
Во последните децении, фасцијата е во центар на внимание во мануелната терапија, благодарение на многубројните научни истражувања. Методот заснован на овие научни откритија е Fascial Manipulation® (FM), поддржан преку многубројни анатомски и хистолошки истражувања на д-р Карла Стеко и нејзиниот тим.
Длабоката фасција и нејзината улога
Длабоката фасција е составена од снопови на колагенски и еластични влакна. На нејзината површина, која е во директен контакт со мускулното ткиво, има висока концентрација на хијалуронска киселина (HA) – супстанца која овозможува хидрирање и лесно движење помеѓу мускулните влакна.
Фасцијата е богато инервирана, со сензорни нервни завршетоци, особено механорецептори (кои раегираат на движење, напнатост и механички притисок) и ноцицепторите (кои раегираат на болка).
По физичка активност, HA се задржува во ендомизиумот, што ја поддржува идејата дека нејзината улога е лубрикантна – за слободно движење внатре во мускулот. Но, кога HA станува вискозна (задебелена) лизгањето се намалува, а фасцијалната структура станува ригидна. Оваа ригидност го намалува прагот на механорецепторите и ја нарушува сензорната информација што тие ја испраќаат до мозокот – со што се менува движењето и перцепцијата.
Вискозноста на хијалуронската киселина (HA) може да се зголеми под влијание на различни фактори:
Повторувачки движења (на пр, долго седење, физички активности при работа), после повреди, воспаление, постоперативно, неактивност или преоптеретеност, без соодветен одмор.
Кога HA станува погуста и вискозна, ја губи својата способност за хидратација, што доведува до намалено лизгање помеѓу фасцијалните слоеви. Како резултат, фасцијата станува леплива (висока вискозност), а движењето се чувствува ограничено, тешко или болно.
Што е Фасцијална Манипулација®?
Фасцијалната манипулација е метод на мануелна терапија кој се фокусира на третирање на згуснатите, дензифицирани точки во длабоката фасција – наречени „центри на координација“. Овие точки се лоцираат преку анализа на движењето и историјата на симптомите.
Во ФМ, терапевтот со притисок и фрикција ги третира овие фасцијални точки за да:
- Се подобри лизгањето помеѓу фасцијалните и мускулните слоеви, со што се овозможува полесно движење,
- Се врати нормалната вискозност на HA, што ја враќа нејзината хидратантна функција,
- Се регулира активноста на сензорните рецептори, со што се намалува зголемената чувствителност во болниот сегмент.
ФМ не се фокусира само на симптомот, туку ја бара главната причина за болката или ограничувањето – преку анализа на фасцијалните линии. Враќањето на нормалната биомеханика е клучно – за да се врати телото во рамнотежа и да функционира во целост.
ФМ има широка примена, еве неколку примери:
- Мускулно-скелетни болки (на пр. болка во грбот, колено, рамо)
- Ограничена подвижност после повреда или операција,
- Повреди од преоптеретување (overuse injuries),
- Дисфункции во движењето,
- Чести главоболки или мигрена,
- Сензации како трнење, пецкање, вкочанетост
Фасцијалната манипулација е метод кој ги поврзува симптомите со функционални нарушувања низ целиот систем. Разбирањето на фасцијата отвора нов начин на гледање на телото, како целина што постојано комуницира. Методот ја користи анатомската и функционална мапа на телото за да ја пронајде причината – не се фокусира само на местото на болка. Благодарение на својата комплексност, ФМ може да помогне при широк спектар на дисфункции.
Со почит кон комплексноста на човечкото тело, ФМ нуди ефикасен, холистички пристап кон здравјето и подобрување на квалитетот на живот.