Ламинектомија е хируршка интервенција која подразбира отстранување на дел од коскената структура на р’бетниот пршлен познат како Lamina која го формира задниот дел од р’бетниот канал. Со нејзината специфична местоположба ламината прави одреден притисок врз р’бетниот мозок или нервните корени, кој пак е предизвикан од различни состојби како што се спинална стеноза, хернирани дискови или дегенеративни болести на дисковите. Во најголем дел од случаите операцијата се прави во лумбалниот долен дел на р’бетот или пак цервикалниот вратен дел, а се со цел да помогне во ослободување од болка, вкочанетост или слабост што произлегува од притисокот врз нервите.
Планот за рехабилитација после вака сериозна интервенција мора да биде добро осмислен, да се знаат фазите на опоравување се со цел да се обезбеди сигурно и ефикасно враќање на функционалната способност на пациентот.
I Фаза – фаза на акутен период 0-2 недели
Планот за рехабилитација во оваа фаза опфаќа:
- Вертикализација
- Респираторна физиотерапија
- Одење во текот на денот 5-10 минути неколку пати.
- Правилно држење на р’бетниот столб и менување на позиција на телото во кревет
- Активни вежби
- Вежби за релаксација
Цели во оваа фаза:
- Намалување на болка и воспаление
- Едукација за движење на телото и менување положба во кревет
- Зголемување на аеробен капацитет
Во оваа фаза е строго забрането виткање на телото, кревање на тежина, туркање и влечење на тешки предмети.
II Фаза – рана фаза на зајакнување 2-6 недели
Планот за рехабилитација во оваа фаза опфаќа:
- Вежби за мобилизација на кичмата ( лесни вежби за истегнување )
- Вежби за јакнење на мускулатура на стомак и грб
- Одење 15 – 30 минути дневно со постепено зголемување на време и растојание
- Вежби за рамнотежа и координација
- Вежби во вода
Цели во оваа фаза:
- Подобрување на флексибилност
- Зајакнување на мускулатура на цело тело
- Враќање на физичка кондиција
- Подобрување на стабилноста на горниот дел од телото
Во оваа фаза дозволено е постепено подигање на тежина максимум до 5 кг.
III Фаза – фаза на напредно зајакнување 6-12 недели
Планот за рехабилитација во оваа фаза опфаќа:
- Едукација за правилно држење на телото
- Правилни техники за подигнување, седење, стоење со цел да се избегне непотребно напрегање на грбот
- Вежби со отпор
- Динамички вежби за стабилизација на р’бетот
- Пешачење, пливање, велосипедизам
- Комплексни вежби за стабилност
- Вежби за координација
Цели во оваа фаза:
- Целосно враќање на самостојност при извршување на секојдневните активности без ограничувања
- Нормална активност за време на работни и спортски активности
- Изградба на силна и стабилна мускулна основа
- Обнова на опсегот на движење во р’бетот
- Обука на пациентот за заштита на грбот
- Враќање во нормален животен ритам
Рехабилитацијата е важен процес кој обезбедува враќање на функционалноста, намалување на болката и подобрување на квалитетот на живот. Со правилно спроведување на физичка активност и усвојување на здрави животни навики пациентот успешно се враќа кон извршување на дневните активности.Редовни контроли од физиотерапевт, следење на препораките, оддржување на активен живот ќе помогнат во зачувување на здравјето на пациентот и ќе спречат понатамошни компликации.
ВАЖНА НАПОМЕНА Кај пациентите кај кои е направен ваков оперативен зафат во периодот на рехабилитација е строго забрането да прават движење на флексија во трупот. Тоа значи дека кога преминуваме од лежечка позиција во седечка телото односно трупот мора да биде во позиција на екстензија ( постојано да биде горниот дел на телото во исправена позиција ).