Напредно
Пребарување

Физичките или физикални агенси се дел од основните елементи на физикалната терапија. Таа е посебна медицинска дисциплина која се базира на примена на овие физикални агенси со цел лекување и оспособување на заболени и повредени.

Физикалната терапија е само еден сегмент од медицинската рехабилитација. Според видот на енергија која се применува во лекување со различни преформирани физикални агенси се прави поделба на: електротерапија (струи), магнетотерапија (магнет), сонотерапија (ултразвук), фототерапија (ултравиолетови зраци, инфрацрвени зраци, ласер, биоптрон итн.), термотерапија (парафин, криотерапија итн.), хидротерапија (бања, базен, када итн.), механотерапија (масажа, мобилизации и манипулации,
тракции)и др.

Освен вештачките физикални агенси лекувањето се дели и според видот на природни физикални агенси, но сега ќе се задржиме на „вештачките агенси“ .

Инспирација се секогаш пациентите. Особено е важен почетокот во третманот со физикалната терапија. Без разлика дали станува збор за стар пациент (кој веќе правел физикална терапија) или нов пациент (за прв пат ќе прави терапија), на почетокот на третманот скоро секој пациент сака објаснување на делот кој ни припаѓа нам физиотерапевтите-ФИЗИКАЛНАТА ТЕРАПИЈА и нејзините физикални агенси. Како што напоменав, широк е спектарот на третмани во медицинската рехабилитација, но денес се
задржуваме на физикалната терапија! Стравот од непознато и љубопитноста доминираат кај
пациентите кои започнуваат за прв пат со физикална терапија, па бројот на прашања кај нив е голем. Секоја информација која ќе им ја дадеме ние ФИЗИОТЕРАПЕВТИТЕ за нив е добредојдена и делува смирувачки за пациентот, особено на почетокот.

Најчести прашања од страна на пациентите се:

 Што е ова? Како се вика ова што го работите?
 Што прави? Како функционира?
 Дали боли?
 Дали треба да чувствувам нешто?
 Колку минути ќе трае терапијата?
 Дали треба да донесам нешто (облека, пешкир, лек, гел/крема) ?
 Како треба да бидам облечен/а?
 Колку денови ќе биде оваа терапија и дали ќе имам нешто дополнително следните денови?
 Дали оваа терапија е доволна?
 Дали со оваа терапија ќе ми помине болката?
 Колку денови ќе треба да доаѓам на терапија?
 …..

Откако ќе биде спроведен специјалистички преглед, со комплетно земена анамнеза се препишува соодветна физикална терапија на пациентот во зависност од неговата целокупна здравствена
состојба. Тука е главен вашиот физиотерапевт. Откако ќе влезете во просторијата за физикална терапија сте НАШ пациент. Ние сме тие кои ве воведуваме и ве водиме во целокупниот третман и ја следиме вашата состојба и напредок.

Во продолжение погледнете го прирачникот со сите важни основни податоци за дел од физикалните
агенси кои сакате да ги знаете вие, а секако ќе ви помогнат полесно да се вклопите во третманот. Следните физикални агенси се со најчеста примена во физикалната терапија, за кои пациентите имаат најмногу прашања – дел од љубопитност, дел од страв:

 Ултразвук – терапија со примена на ултразвучна енергија во лекување. Потребно е користење на контактно средство (гел) помеѓу ултразвучната сонда и кожата на пациентот
за да се овозможи трансмисија на ултразвучната енергија во телото. Делува како микромасажа која се одвива на клеточно и супклеточно ниво. Неговото дејство зависи од неговиот интензитет, фрекфенција и
времетраење. Тој има предност во однос на останатите термички модалитети бидејќи продира во ткивата подлабоко и најмногу се апсорбира во зглобната капсула,
лигаменти и тетиви, односно во структурите со голема содржина на колаген. Ултразвукот ја зголемува локалната циркулација на крвта диреткно и рефлексно. Делува аналгетски, го намалува мускулниот спазам, ја намалува болката кај артрози, бурзити и тендинити, го
забрзува заздрвувањето на воспалителниот процес, го подобрува зараснувањето на рани,
на тетиви по повреда и сутура, стимулира создавање калус и ја стимулира остеогенезата на коската кај остеопороза и др. Ултразвукот делува антивоспалително, спазмолитично, аналгетски, стимулира регенерација на ткива, итн. Времетраењето на ултразвукот со подвижна техника е најчесто 5 минути, а при стабилна 2-3 минути и е потополно зависно од
стадиумот на болест/состојба. Субјективно пациентот во најголем дел од случаите не чувствува ништо.

 Ласер-терапија е терапија со засилување на светлината со помош на стимулирана емисија на зрачење. Биолошкото дејство на ласерот зависи од брановата должина и густина на енергијата со која се применува. Ласерот има биостимулативно дејство и се јавува пред се локално во ткивата кои ги аспорбирале ласерските зраци. Основите дејства се да ја
забрза регенерацијата на оштетените и заболени ткива, влијае на намалување на оток и
болка и има антивоспалително дејство. Времетраењето и дозата се разликуваат во зависност од заболувањето. Субјективно пациентот во најголем дел од случаите не чувствува ништо, а во мал дел се јавува благо чувство на топлина.

 schock wave-терапија со ударни бранови претставува примена на високоинтензивна акустична радијација. Се користи кај хронични тендинопатии, епикондилити, периатрити, калцификати, нарушена функција на заздравување на коска, одложено создавање на
калус, фрактури. Времетраењето на процедурата е нешто помалку од 10 минути, но постојат специфични критериуми за отпочнување со оваа терапија. Оваа процедура може
и знае да биде чувствителна за пациентот предизвикувајќи реинфламација која секако е болна за пациентот.

 Магнет-терапија е примена на различни облици на магнетно поле, кое дејствувајќи на ткивото на пациентот предизвикуваат тераписки ефекти. Слободната енергија на магнетното поле се апсорбира од страна на ткивата. Постојат голем број на хипотези за
механизмот на дејство на магнетното поле, но се тргнува од тоа дека клеточната мембрана
е клучното место на кое дејствува. Предизвикува вибрации на мембраната што ја подобрува дифузијата(особено е важно за клетките кои се хранат преку дифузија), се зголемува протокот на кислород во ткивата, ги активира остеобластите, ја намалува вискозноста и коагулабилноста на крвта, го подобрува протокот на артериска и венска крв, ја подобрува оксигенацијата и метаболизмот во ткивата. Магнетното поле со ниска фрекфенција и интензитет дејствува антиинфламаторно, антиедематозно, ја стимулира регенерацијата на ткивата, аналгетски, вазодилтататорно, спазмолитично,
стимулира создавање калус, стимулира остеогенеза кај остеопороза, се смета дека
доведува до подобрување на имунитетот на организмот итн.

 Електротерапија (струи) – електротерапијата е користење на некои облици на електрична
енергија во лекување. За лекување се користат различни модалитети на електрична струја, кои се добиваат со помош на модерни електронски уреди. Модалитетите на електрична
струја кои се користат во лекувањето се делат на еднонасочни константни (пр.галванска струја, електрофореза), еднонасочни импулсни струи (пр.дијадинамска струја) и
наизменични струи (пр.ТЕНС-нискофрекфентна струја), (пр.интерферентна струја-
среднофреквентна струја), високофреквентна струја (пр.кратки бранови).

Во продолжение следуваат општи информации за дел од електротераписките процедури со највисок процент на примена во физикалната терапија

 Галванската струја е еднонасочна константна струја. Дејството на струјата врз човечкиот организам е определно од продирањето во ткивата. Струјата поминува низ кожата низ изводните канали на потните и помалку низ изводните канали на потните жлезди и
меѓуклеточни простори. Кожниот отпор во почетокот е најголем, а потоа се намалува и стагнира овозможувајќи струјата понатаму да се простира по пат на најмал отпор. Галванот ја зголемува надразливоста и спроводливоста во моторните нерви и мускули, ја менува надразливоста и спроводливоста во ткивата во пределот на електродите, настанува активна хиперемија на крвните садови, има аналгетско дејство, ресорптивно дејство. Пред апликација на струјата, како и на сите електротераписки процедури, кожата треба да биде чиста, здрава, неоштетена и сува. Задолжително се прегледува кожата во таа регија (бемки, рани) и се отстранува накитот. Времетраењето на оваа струја е најчесто 15 минути иако во литературата ќе сретнеме и други бројки. Интензитетот на струјата е ограничен но варира во зависност од прагот на толеранција кај пациентот. Пациентот има чувство на пецкање, кое треба да биде „пријатно“ односно да не жеже и пече. Доколку се појави такво чувство треба пациентот веднаш да реагира кај својот терапевт за да ја намали струјата, доколку лошото чувство продолжи и понатаму се прекинува струјата и се прави инспекција како на кожата локално, така и на самиот апарат, се со цел да се спречат одредени несакани реакции како изгореница, покачен крвен притисок, зголемена болка. Голем дел од овие работи исто така важат за скоро сите електротераписки процедури

 Електрофорезата пак е исто така електротераписка постапка со внесување плус лекови во организмот со посредство на галванската струја. Исто како и галванската струја и оваа струја е со сличен опис со главен акцент на лекот кој се користи. Накратко за да може лекот да биде внесен во организмот потребно е да дисоцира на јони. Може да биде внесен само од онаа електрода која е исто наелектризирана како и активната компонента на лекот. Потребно е да се знае дали лекот е катјон или анјон бидејќи се внесува на различен начин. Струјата и лекот дејствуваат надразнувачки на рецепторите во кожата, предизвикувајќи неврорефлексни реакции. Времетраењето на оваа струја е исто така најчесто 15 минути иако во литературата ќе сретнеме и други бројки. Пациентот има чувство на пецкање, кое треба да биде „пријатно“ односно да не жеже и пече. Доколку се појави такво чувство треба пациентот веднаш да реагира кај својот физиотерапевт да ја намали струјата, доколку лошото чувство продолжи и понатаму се прекинува струјата и се прави инспекција како на кожата локално, така и на самиот апарат, се со цел да се спречат одредени несакани реакции како изгореница, покачен крвен притисок, зголемена болка.

 Дијадинамик или дијадинамските струи пак се еднонасочни импулсни нискофреквентни струи. При одреден интензитет тие предизвикуваат чувство на пецкање, трнење и мравивање. Дијадинамските струи имаат аналгетско дејство (намалување на болка), вазодилататорно дејство (зголемување на локалната циркулација), ја подобрува трофиката на ткивата, ја подобрува ресорпцијата на отокот и хематомот, ја намалува болката, го намалува тонусот на мускулите, го намалува спазамот на мускулите, подобрува
циркулација. Поставувањето на струјата е со примена на електроди со импрегниран јаглерод исто како и кај претходните две струи и зависи од основното заболување. Кожата мора да биде здрава и неоштетена, а
електродите добро и цврсто поставени. Времетрањето на дијадинамикот варира во зависност од применетата модулација, која си има определено време на дејствување.

 ТЕНС-от е нискофреквентна наизменична струја. Транскутана електрична нервна стимулација е метода за лекување на синдромот на болка преку дразнење на сензитивните нервни завршетоци во кожата и претставува една од најчесто применуваните форми на електроаналгезија (намалување на болка со струја). Се смета дека ТЕНС-ОТ предизвикува невромодулација која се состои во инхибиција или
фацилитација на трансмисијата на импулсите за болка на нивниот пат до соматосензорната кора. Времетраењето на оваа струја е најчесто 10-15 минути иако има и варијабли во зависност од состојбата. Пациентот има чувство на лупкање/тупкање како поткожна масажа. ТЕНСОТ можеби има најпријатно субјективно чувство кај пациентот од сите видовкжи струи

 Интерферентни струи се среднофреквентни наизменични струи. Интерферентните струи ги
имаат следните дејства врз ткивата на кои се применуваат: аналгетско дејство (против болка), предизвикува хиперемија (локално зголемување количество на крв), го подобрува
метаболизмот во ткивата, позитивно трофичко дејство на мускулите, стимулира создавање на калус кај фрактури, забрзува регенерација на ткиво итн. Различни фрекфенции имаат различно дејство врз организмот и со нивниот избор добиваме различен физиолошки
одговор. Апликацијата на струите е со стандардни електроди но и со вакуум. Помеѓу електродата и кожата, за подобар контакт се става сунѓер натопен па исцеден во топла
вода (како кај скоро сите електротерапии). Времетраењето на една процедура изнесува најчесто 15 минути, а субјективното чувство што го дава кај пациентот е најчесто во форма на вибрација, трнење и мравијање

 Кратките бранови се високофреквентни наизменични струи. Тие предизвикуваат конверзија на електричната енергија во топлотна при што настанува активна и длабока хиперемија (зголемување количество на крв). Исто така ја зголемуваат циркулацијата на лимфата, ги забрзуваат метаболните процеси, се намалува отокот на ткивата, се
стимулираат регенеративните процеси, го намалуваат зголемениот и болен спазам, ја намалува болката, имаат благо седативно дејство на нервниот систем итн. Дозирањето и
времетраењето се одредуваат според индикацијата, местото на апликација и толеранцијата
на пациентот.

Во пракса за најдобро спроведување на струите се користат гумени електроди на апаратите кои се
со импрегнирам јаглерод. Јаглеродот добро ја спроведува струјата, а во однос на ткивото е инертен и биокомпатибилен. Помеѓу електродата и кожата на пациентот се става кондуктивен медиум (натопена газа или сунгер во вода) за да го задржат во себе дел од струите секундарните продукти на електролиза, да го спречат нивниот контакт со кожата и за подобар контакт. Секако тие треба да се добро прицрврстени за кожата на пациентот за максимален ефект и контакт со неа. Секако пациентот треба да реагира ако е премногу стегнато за време на апликација на било која струја и да реагира за интензитетот. Електродите се
прицврстуваат за телото со помош на ленти, вреќички со песок, завој и ременчиња. Како што кажавме во зависност од тоа која струја ќе ја користиме, постојат различни субјективни чувства врз кожата локално. Секако дел од нив остануваат константно со тој интензитет на кожата, а дел го менуваат својот интензитет. Кога се
во прашање одреден дел од струите може да се користи и хидросолубилен гел. Електричната струја може при тераписка примена да предизвика оштетувања на кожата како резултат на пенетрација на струјата низ неа. При нестручна примена и ако не се почитуваат
контраиндикациите, тераписките струи можат да предизвикаат оштетувања, од кои некои можат
да бидат многу опасни. Секоја од електротераписките процедури си има различно времетраење,
интензитет и фрекфенција, а тоа зависи од состојбата(индикацијата) на пациентот, местото на
апликација и толеранцијата на пациентот.

Покрај одговорите што ги посочивме кај најкористените облици на физикални агенси, во продолжение прочитајте и за останатите најчести прашања на пациентите.

➡️После колку терапии ќе ми биде подобро? – Може да се приметат резултати на подобрување после првите неколку терапии (иако може да се очекуваат и реакции особено со примена на електротерапии и стимулации), но големи подобрувања ќе има по примање на целиот третман спроведен од страна на физиотерапевтот. Доста фактори се во игра почнувајки од дијагнозата, преку спроведениот план за
физикална терапија (онака како е препишан), па се до начинот на живот на пациентот.

Колку често треба да правам физикална терапија? – Редовната терапија се прави еднаш на 6 месеци. Во дадени ситуации може и на 3 месеци, во зависност од состојбата на пациентот, но без разлика треба да се направи пауза по направениот третман.

Колку време трае една терапија? – Во зависност од терапијата. Најчесто од 30 минути до 1 час на ден.

Што треба да правам за време и после терапијата, дали треба да одмарам? – За време на терапијата препорачливо е да нема физички напор, односно колку може повеќе да се одмара. По завршување на терапијата истотака е препорачливо одредено време да се одмара и
да не се прават големи напори. Сепак, што треба да се прави за време како и по терапијата, пожелно
е да се консултирате со вашиот доктор и физиотерапевт.

Секако дека физикалната терапија брои широк спектар и на други физикални агенси кои се
користат во медицинската рехабилитација како: пафаринотерапија, криотерапија, хидротерапија, други типови на електротерапии кои не се опфатени тука, инфрацрвени и ултравиолетови зраци, биоптрон, екстензија, механотерапија (мануелна масажа, подводна масажа, лимфна дренажа итн.)

Заклучок: физикалната терапија е третман за подобрување на движењето, намалување на болката
и обновување на физичката функција. Физиотерапевтот користи разни алатки во третманот на пациентите како: мануелна терапија, манипулации, разни физикални агенси како дел од
физикалната терапија во вид на светлина, звук, топло, ладно, магнетни бранови и електрични
стимуланси, но и индивидуален кинезитераписки програм (вежби) или во група, едукации, совети
и консултации, за да се дојде до посакуваната цел.

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.