Истегнување на лактот претставува состојба каде што лигаментите на лактот се истегнати или делумно скинати. Напукнатиот лигамент може да предизвика нестабилност во зафатената регија. Траумата на лигаментите може да биде:
- Прв степен – истегнување
- Втор степен – делумно кинење
- Трет степен – целосно кинење.
Симптоматологија
При настанување на траума веднаш се чувствува болка во лактот со оток кој може да е воочлив со голо око. Колку долго трае болката и отокот толку подолго трае процесот на заздравување.
При благо истегнување лактот станува осетлив и вкочанет. Поголемиот степен на истегнување ќе предизвика вцрвенување на кожата, болна осетливост во лактот, топлина и модрило.
При трет степен на траума се појавува силна болка која што го ограничува движењето во лактот. Нестабилност во зглобот може да се појави доколку имаме дислокација во зглобот. При оваа состојба се бара итно намалување на отоците за да може да се започне со третман и да се спречи поголемо оштетување во зглобот.
Третман – неоперативен
Постојат повеќе начини за нехируршки третман кои што може да се применат.
Одморот е од големо значење. Се препорачува да се избегнат сите движења кои штои ја зголемуваат болката.
Криотерапија – облоги со мраз може да се поставуваат неколку пати на ден 15 – 20 минути локално. Со тоа ќе се намали болката и отокот.
Бандажирање – се поставуваат соодветни бандажи за стабилизација на зглобот.
Кинезиотејпинг
Функционална магнетна стимулација – за намалување на едем, подобрување на циркулација, обезболување и зацелување на ткивото.
Времето на закрепнување зависи од степенот на траумата на зглобот. Може да биде до 2 недели при поблаго оштетување на лигаментот па се до 3 месеци при целосно кинење на истиот.