Бурзитис на олекранон претставува состојба каде што има воспаление на бурзата што го покрива процесусот (израстокот) на проксималниот дел на улната. Оваа бурза има за цел да обезбеди механизам со кој кожата слободно се лизга преку процесусот. Со оглед на тоа дека оваа бурза е површна (помеѓу улната и кожата) подложна е на воспаленија од различни механизми, првенствено акутна, а може да биде причинител и повторувачка траума.
Воспалението на оваа бурза може да се појави и поради инфекција, при што се нарекува септичен бурзитис. Две третини од случаите на бурзитис се без инфекција односно несептичен бурзитис.
Бурзитисот на олекранон е релативно честа состојба. Болката која што се појавува во задниот дел на лактот предизвикува ограничување на некои активности ( на пр. Пишување, подигање товар и сл.).
Вкупната инциденца не е позната, почесто се јавува кај мажи на возраст од 30 – 60 години. Не често но може да се појави и кај деца.
Причините се појава се различни. Се појавува кај:
- Пациенти на долготраен третман со хемодијализа, поради позицијата на раката;
- Акутни повреди при спортски активности;
- Директна траума врз лактот (пример паѓање на тврда површина);
- Повторувачки микротрауми (позиција при долго пишување);
- Професии од типот: водоинсталатери, механичари;
Знаци и симптоми:
Пациентите најчесто воочуваат оток на задниот дел на лактот, кој најчесто безболен. Позициите со притисок или потпирање на лактот може да ја влошат состојбата и да ја зголемат болката.
Типичен симптом за овој бурзитис е често испакнување на отокот, како и ограничени движења во одредени позиции.
Третман:
Пациентите најчесто не бараат третман за оваа состојба се додека не се зголемат болките во лактот и не се ограничи движењето.
Третманот опфаќа:
- RICE процедура – одмор, мраз, компресија и елевација;
- Електростимулација за намалување на воспалението;
- Терапевтски ултразвук (сонофореза);
- Криотерапија локално 2 – 3 пати на ден, 10 – 15 мин;
- Едукација на пациентите за компензаторни дижења и одмор на засегнатиот екстремитет.