Современиот начин и брзото темпо на живот наметнуваат нови правила во медицинската рехабилитацијата после хируршки третмани. Со цел да се забрза опоравувањето на пациентите и да се овозможи брзо оспособување за извршување на секојдневните работни задачи и брза ресоцијализација потребно е да се спроведе и брз процес на рехабилитација (Fast-track physio.) Преку постигнувањето на примарните цели на оваа рехабилитација , како што е редуцирање на морбидноста и морталитетот , се постигнуваат и оправдани економски заштеди преку намалување на должината на болничкиот престој и рано постигнување на независна функционалност со што се подобрува и задоволството на пациентот од добиената услуга. За навремено постигнување на овие резултати потребно е и навремено започнување на тимскиот пристап кон решавање на евентуалните очекувани првични компликации . Фокусот во раната рехабилитација се насочува кон соодветната аналгезија постоперативно , профилаксата од длабока венска тромбоза, раната мобилизација и навремената сестринска грижа. Во овој период пациентите се мотивираат и информираат да бидат активни учесници во овој процес со цел да се постигнат брзи соодветни резултати од рехабилитацијата.
Артропластика на колено
Примарна индикација за тотална артропластика на колениот зглоб е значителна онеспособувачката болка предизвикана од тежок артритис (остеоартритис,ревматоиден артритис, и пост трауматски артритис). За прв пат ваков тип на ортопедска операција е изведна во 1968 година и од тогаш до сега е постигнат голем развој во употребата на нови материјали и техники на третман . При исцрпување на конзервативните решенија за третман на артритисот на колениот зглобот т.е кога употребата на аналгетици или кортизонски инекции не помагаат во смирување на болката се пристапува кон хируршко лекување на пациентот. Освен болката во предвид се зема и моменталната сосотојба на зглобот т.е присуството на контрактури, деформитети и евентуалната деструкција на зглобот. Принципот на операцијата се состои во оперативна корекција на деформитетот на коскените структури заедно со отстранување на оштетената рскавица од femur и tibia (ресекција на зглобните тела за 8-10 mm) при што се поставува физиолошка осовина на коленото. Лигаментите при оперативниот зафат остануваат сочувани со што коленото останува стабилно и по правило се воспоставува полн обем на движењата и овозможува потполна мобилност на коленскиот зглоб. На местото на отстранетите коскено р’скавични структури се вметнува протетска замена со соодветна големина. Протезите кои се користат може да бидат цементни или безцементи и нивните составни делови содржат феморална и тибијална компонента (изработени од метална легура на кобалт и хром) и тибијална влошка која се вметнува помеѓу двете компоненти.
Физиотерапија
Пациентите најчесто престојуваат околу 7 дена на одделот за ортопедија каде што се контролира оперативната рана и се спроведува физиотерапија на оперираниот зглоб. Физиотерапијата во првите 24 часа е со цел да се намали болката со помош на криотерапија и бавно раздвижување на зглобот во флексија со помош на апарат за продолжителни пасивни движења кои можат да траат и од 2 -12 часа. Првиот оперативен ден најчесто се остранува дренажата од операцијата и се започнува со мобилизациските постапки. По отстранување на дренажата се започнува со компресивна терапија т.е се аплицираат компресивни чорапи со соодветна компресија со цел да се превенира пациентот од длабока венска тромбоза . Во зависност од типот на фиксација на протезата (цементна или безцементна ) се дозира и оптоварувањето на оперираната нога при вертикализација. Цементните протези уште во самиот почеток можат 100% да се оптоварат со што овие пациенти побрзо го совладуваат процесот на едукација за мобилизација со патерици. На пациентите им се препорачува да користат компресивни чорапи како превенција од длабока венска тромбоза во понатамошниот период од рехабилитацијата .Во периодот на хоспитализација пациентот се едуцира за спроведување на активни вежби на неоперираниот долен екстремитет а физиотерапевтите спроведуваат активно потпомогнати вежби на оперираниот екстремитет . Во физиотерапевтскиот третман можат да се вклучи и електростимулација и интерферентни струии со цел да се зајакнат евентуално отслабените мускули на долните екстремитети. Раната физиотерапија трае 14 дена при што пациентот најчесто е оспособен за самостоен трансфер од кревет на стол и мобилизација со патерици или одалка по скали . Процесот на рехабилитација не завршува со отпуштањето на пациентите од одделот за ортопедија , потребно е пациентите да продолжат да ги применуваат редовно дадените совети од физиотерапевтите. Комплетното оптоварување на оперираната нога со движење без патерици може да се направи после 6-8 недели . Во овој период потребно е да се спроведува соодветен програм на вежби под надзор на физиотерапевт со кои ке се постигне комплетна флексија во оперираниот колен зглоб и баланс за движење без помагала.
Општи информации за извршување на секојдневните активности
Откако ќе се вратите дома, треба да продолжите да бидете активни. Клучно е да не претерувате со активностите. Во овој период нормално е да имате и добри и лоши денови но со тек на време самите ќе почувствувате континуирано подобрување.
Генерално ова се насоките кои треба да ги почитувате:
Возење автомобил :
После 2 месеци доколку ви дозволи вашиот доктор-оператор , може да почнете со возење на автомобил. Избегнувајте долго да возите автомобил. Избегнувајте автомобили со длабоки или ниски седишта. Додека возите најдобро е да седите на перница за да седиштето Ви биде повисоко.
Вежби:
Континуирано треба да продолжите со дозирани вежби кои ви се препорачани од Вашиот физиотерапевт. За понапредни вежби од видот на возење велосипед, трчање и слично треба да се консултирате со Вашиот доктор за тоа кога е вистинско време да започнете. Избегнувајте активности кои водат до прекумерно виткање во коленото (градинарски активности-клекнување на колена и сл).
Сексуални активности:
По 2 – 3 недели од операцијата може да се продолжи со сексуални активности.
Позиции за спиење:
Кога одмарате во кревет најдобро е да лежите на грб. Чувајте перница помеѓу бедрата за да се спречи допирање на колената. Перница меѓу нозете мора да поставите и доколку лежите на страна.
Седење:
Најмалку во првите три месеци препорачливо е да седите на стол кој има потпирачи за рацете. Не седете на ниски столчиња или меки и ниски кревети. Немојте да ги префрлате нозете една преку друга. Физиотерапевтот ќе ве научи како да станувате и седнувате во стол, со држење на оперираната нога испружена напред. Станувајте и движете се наоколу редовно, најмалку на секој час. Додека приготвувате храна препорачливо е да бидете седнати.
Бањање:
Препорачливо е за почеток да користите туш (со стоење) или да поставите специјален стол во кадата.
Користење на скали:
Качувањето и симнувањето по скали треба да е внимателно.
Кога се качувате по скали одите по овој редослед:
Здравата нога оди прва напред Потоа оди оперираната нога
Па потоа се поткреваат патериците/бастумот.
Кога се симнувате по скали одите по овој редослед:
Се спуштаат прво патериците/бастумот
Потоа се спушта оперираната нога На крај се спушта здравата нога.