Напредно
Пребарување

Предниот вкрстен лигамент е еден од четирите лигаменти во коленовиот зглоб, кој ги поврзува тибијата и фемурот. Основната функција на предниот вкрстен лигамент е да осигури стабилност недозволувајќи предно преместување (предна транслација) на тибијата во однос на фемурот.

Како може да се случи оваа повреда?

Механизмот на настанување руптура на предниот вкрстен лигамент е поврзан со нагло запирање, нагло вртење, менување на правецот на движење, или директен удар од предната, задната и надворешната страна на потколеницата. Повредата е својствена за спортови поврзани со често менување на насоката на движење, скокови и директен судир како фудбал, кошарка, рагби, скиење и кикбокс.

Симптоми

Симптомите кои се јавуваат за време на повредата и после неа се:

*силен звук на пукање

* остра болка

* оток на коленото

* чувство на нестабилност при одење и стоење.

Физиотерапевтски процедури после реконструкција на преден вкрстен лигамент

Порано рехабилитацијата по реконструкција на предниот вкрстен лигамент барала долг период на континуирана имобилизација на коленото во положба на флексија и продолжен период (од шест до осум недели) на ограничено оптеретување на оперираниот екстремитет. Така што потребното време за враќање на екстремитетот во потполна активност било околу една година. Со напредувањето на хируршките техники и подоброто разбирање на заздравувањето започнува да се применува забрзана рехабилитација, која овозможува рано раздвижување и оптеретување. Таквиот медот на рехабилитација денес е стандарт по реконструкцијата на предниот вкрстен лигамент кај млади, активни пациенти.

Рехабилитацијата е поделена на неколку фази:

  1. Рана заштитна фаза – првите четири недели после операција

Главните цели на оваа фаза се: заштита на ткивата, намалување на болката и отокот, одење со помош на патерица, спречување инхибиција на флексорните мускули, спречување адхезии, подобрена подвижност во зглобовите и воспоставување на статичка и динамичка контрола врз долниот екстремитет. Цел е да се постигне 90 степени флексија на потколеницата и целосна пасивна екстензија до крајот на првата постоперативна недела и помеѓу 110 и 125 степени флексија на потколеница помеѓу третата и четвртата постоперативна недела .

Првите четири недели оперираниот екстремитет се имобилизира со заштитна ортоза (најмногу до шест недели), која се носи и преку ден и преку ноќ континуирано. Ортозата е заклучена во потполна екстензија и пацинетот оди со помош на штака. Истата се отклучува  само за време на терапевтските вежби. Носењето ортоза е подолго, а рехабилитацијата напредува бавно доколку освен руптура на преден вкрстен лигамент се присутни и повреда на менискус или зглобна ‘рскавица.

Физикалните процедури во оваа фаза може да се поделат на рани, кои се извршуваат во првите четиринаесет дена и доцни, во вторите четиринаесет дена после операцијата.

Раните физиотерапевтски процедури вклучуваат: носење на ортоза, заштита од контрактури, тренинг по одење, вежби за подобрување на обемот на движење и активни вежби за стапала. Во третата и четвртата недела, овие процедури се повторуваат, но оптеретувањето на екстремитетите  напредува и се вршат активни вежби во затворен кинематички синџир (полу-чучњеви со обем на движење од 0-30 степени флексија на потколениците, исчекор напред и кревање на телото на прсти).

Подигнувањето на исправена нога во сите рамнини се постигнува и се започнува активна екстензија на потколеницата во отворен кинематички синџир. Важен дел од рехабилитацијата е аеробен тренинг на стационарен велосипед.

Критериум за напреднување во следната фаза е присуство на минимална болка и оток, целосна активна екстензија на потколеница и јачината на m. quadriceps femoris  да е  од 50 до 60 % во споредба со здравата нога.

  1. Средна фаза – од петтата до десеттата-дванаесеттата недела

Акцентот на оваа фаза е ставен на постигнување целосен опсег на движење, зголемување на силата, издржливоста и рамнотежата. Мускулите треба да бидат подготвени за премин кон функционалните активности без да се наруши стабилноста на коленото. Целите се: да се постигне одење без помагала и ортози, да се подобри невромускулната контрола, проприорецепцијата и повторно воспоставување на кардиопулмоналните способности што постоеле пред повредата.

Процедурите повторно се делат на рани (првите две недели од оваа фаза) и доцни (останатите три недели).

Раните процедури вклучуваат изометриски вежби во различни положби и под различни агли, вежби за прогресивен отпор, вежби за флексибилност, вежби за издржливост на велосипед.

Во доцните физиотерапевтски процедури спаѓаат напредни вежби за јакнење на сила и проприоцептивно невромускулно олеснување (фацилитација). На крајот од таа фаза се започнува со брзо одење или џогинг.

Критериум за следната фаза се целосен опсег на движење и сила на m.quadriceps femoris 75%  во споредба со здравата нога.

  1. Напредна рехабилитациска фаза – после десеттата- дванаесеттата недела

Повеќето од протоколите за рехабилитација по реконструкција на предниот вкрстен лигамент траат околу шест месеци. Интензитетот и времетраењето зависат од целите на пациентот и активностите на кои тој сака да се врати. Луѓето кои сакаат да се вратат на работните активности или на врвен спорт, им се препорачува да спроведат програма за превентивно одржување на коленото по завршување на шестмесечната рехабилитација.

Во оваа фаза се извршуваат сите претходно наведени вежби, џогирање со поголема брзина и трчање со промена на насоката.

  1. Фаза на враќање на работните\спортските активности после шест месеци

Се спроведуваат функционалните вештини специфични за одреден спорт или работа. Добро е да се носи функционална ортоза за превенција од повторна повреда особено при активности кои вклучуваат скокови.

Врз основа на тестови, мерења и добиени резултати од проприоцептивни тестирања, физиотерапевтот индивидуално проценува кога пациентот е подготвен да се врати на спортските или работните активности.

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.