Напредно
Пребарување

Физиотерапија по операција на простатектомија

 

Што е простатектомија?

Простатектомија е хируршка процедура за отстранување на дел или на целата простата.

Индикациите хируршка процедура се:

Бенигната хиперплазија на простатата е состојба која се јавува кога простатата станува зголемена, што се јавува за време на стареењето како физиолошки (нормален) процес. Иако некои мажи можеби немаат никакви симптоми, зголемената простата може да предизвика потешкотии со мокрењето кај други. Првите симптоми обично се појавуваат по 50-тата година од животот и може дополнително да се влошат. Тие се најчести во форма на често мокрење, особено ноќе, како и бавен и скршен или слаб проток на урина. Мал процент од мажите може да доживеат задржување на урина, што значи дека мажот не може да го испразни мочниот меур. Ризиците од уринарна ретенција се чести инфекции на уринарниот тракт, уросепса, нарушена бубрежна функција, па дури и откажување на бубрезите. Ризикот од уринарна ретенција се зголемува со возраста, симптомите и зголемувањето на простатата. Важно е да се знае дека слични симптоми може да постојат и во случај на рак на простата и рак на мочниот меур.

Ракот на простата е втор најчест рак кај мажите. Појавата на рак на простата е исклучително ретка пред 45-тата година, но по 50-тата фреквенцијата значително се зголемува. Исто така, треба да се напомене дека во семејства каде веќе имало рак на простата, времето на неговото појавување може да биде многу порано, додека ризикот за оваа болест е многу поголем. Од големо значење е фактот што ракот на простата во рана фаза не покажува никакви забележливи знаци и симптоми. Како што болеста напредува, се појавуваат симптоми слични на оние на бенигна хиперплазија на простатата, вклучувајќи крв во урината. Затоа по 50-тата година од животот се неопходни редовни прегледи кај уролог.

Операцијата може да се изврши со класичен пристап или минимално инвазивна. Типот на анестезија е прилагоден на оперативниот пристап.

Отворениот пристап вклучува правење засек во долниот дел на стомакот, под папокот. Може да се примени кај секој пациент, додека во случаи на напреднат карцином или значително зголемување на простатата при бенигна хиперплазија, тоа е единствениот можен пристап.

Минимално инвазивниот пристап вклучува:

Лапароскопска простатектомија – отстранување на простатата со помош на специјални хируршки и ендоскопски инструменти кои имаат видео камера на врвот и се вметнуваат во стомакот преку мали засеци.

Трансуретрална простатектомија (TURP) – се користи за хируршки третман на бенигна хиперплазија на простатата. Претставува терапевтска опција за мажи кои имаат умерени до тешки проблеми со мокрењето и за кои лековите не се доволно ефикасни. За извршување на операцијата се користи специјален хируршки инструмент – ресектоскоп, кој преку врвот на пенисот се внесува до делот од уретрата (уринарната цевка) каде што се наоѓа простатата. Слоевите на простатата се отстрануваат со ресектоскоп, кои потоа се исплакнуваат со течност и се отстрануваат на крајот од операцијата.

Во зависност од степенот на прогресија на болеста, може да се направи следново:

Делумна простатектомија – отстранување на дел од простатата. Се користи за бенигна хиперплазија или рак во почетната фаза.

Радикална простатектомија – отстранување на целата простата заедно со дел од уретрата и околните лимфни јазли. Се користи во случаи на напредни карциноми. Во палијативниот третман на метастатски карцином на простата може да се користи и билатерална орхиектомија, т.е. билатерално отстранување на тестисите.

ЗАБЕЛЕШКА: Треба да знаете дека може да се појават компликации по простатектомија како и кај секоја хируршка процедура. За лекување на напреднат карцином на простата, поради потребата од радикални процедури, тие исто така може да бидат неизбежни. Овие компликации се рефлектираат во уринарна инконтиненција (неспособност да се задржи урината), еректилна дисфункција (импотенција) и стриктура (стеснување) на уретрата или вратот на мочниот меур. Минимално инвазивниот пристап овозможува подобар преглед на структурите поради зголемување на сликата и воедно намалување на појавата на компликации, особено сексуална дисфункција. Одредени потешкотии со споменатите може да постојат и до 6 месеци по операцијата, кога земањето лекови за потенција може да помогне. Трансуретралната простатектомија практично има минимален ризик од компликации.

Физиотерапија после операција 

По операцијата на простата, треба да се започне со физиотерапија уште за време на престојот во болница, која ќе има за цел да ве крене од кревет што е можно поскоро и да се мобилизирате за да избегнете инфекции на градниот кош, длабока венска тромбоза и, следствено, подолг престој во болница. Откако ќе бидете отпуштени, физиотерапевтот трба да ви даде насоки за процесот на рехабилитација која главните цели се фокусираат на:

  • Минимизирање на болката
  • Намалување на уринарните проблеми и инконтиненција
  • Намалување на проблеми со цревата
  • Подобрување на мускулната сила и издржливост
  • Подобрување на кардиоваскуларната кондиција
  • Повторно воспоставување функција и независност

Физиотераписките третмани и активности вклучуваат:

  • Модалитети на контрола на болка
  • Вежби за зајакнување на мускулите на карличното дно
  • Вежби за зајакнување на стомачните мускули
  • Тренинг на мочниот меур за да се врати во нормална функција
  • Електростимулација за подобрување на мускулната функција
  • Функционална магнетна стимулација за подобрување на мускулната функција
  • Упатство за домашна програма за вежбање за подобрување на функцијата на карличното дно
  • Инструкции како да се контролираат карличните мускули и стомачните мускули при кашлање, кивање и смеење итн.
  • Едукација за тоа како да се направат промени во животниот стил кои можат да влијаат на мочниот меур
  • Контролирано дишење и вежби за релаксација
  • Совети за удобно позиционирање

Успехот на вашето закрепнување по операцијата на простатектомија во голема мера ќе зависи од вашата посветеност на планот  за физиотерапија, како и од вашето здравје и физичка состојба пред операцијата. Закрепнувањето најчесто трае до 8 недели.

Остави го твојот коментар.

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.