Напредно
Пребарување

4 фази во рехабилитацијата после кардио интервенција или кардиохирургија

Рехабилитацијата на организамот се однесува на структурирана програма за вежбање и едукација, составена така што да ви помогне да се вратите во оптимална кондиција и функција по еден настан како срцев удар. Рехабилитацијата ја спроведува тим од специјалисти со различно стручно знаење и познавање. Овие здравствени работници работат заедно за да ви помогнат да ја подобрите вашата функционална подвижност, да ги намалите факторите на ризик поврзани со вашата срцева повреда и да ви помогнат вие и вашето семејство да управувате со психосоцијалните ефекти што можат да влијаат на вашето закрепнување после срцев удар.

Физиотерапевтите работат како членови на тимот за кардио рехабилитација, помагајќи да се процени срцевата функција, да се проценат нарушувања што можат да ја ограничат вашата подвижност и да предложат прогресивно вежбање и физичка активност за да ви помогнат да се вратите во вашиот нормален животен стил после било каков срцев настан.

Постојат четири фази на срцева рехабилитација. Првата фаза започнува уште во болницата веднаш после настанувањето на кардиолошкиот проблем кој може да биде третиран конзервативно, интервентно или опееативно. Другите три фази од рехабилитацијата се спроведуваат во центар за кардио рехабилитација или во домашни услови, откако ќе ја напуштите болницата. Имајте на ум дека закрепнувањето после било каков срцев настан е променливо; некои луѓе минуваат низ секоја фаза за одреден оптимален период, додека други може да имаат тежок период за да се вратат во нормала. Соработувајте со вашите лекари и специјалисти за да го разберете вашиот напредок и прогноза поврзани со вашиот кардијален проблем.

1.АКУТНА ФАЗА

Иницијалната фаза на кардио рехабилитација започнува веднаш после настанатиот проблем со срцето. Физиотерапевт задолжен за кардиолошки пациенти во акутна фаза ќе биде во блиска соработка со вашите лекари, кардиолози, медицински сестри и други стручни лица за рехабилитација, со цел да ви помогне да си ја вратите вашата мобилност.

Доколку имате сериозен кардиолошки проблем или операција, како на пример операција на отворено срце, вашиот физиотерапевт ќе започне да работи со вас уште додека сте на одделот за интензивно лекување. Во оној момент кога вашата состојба е стабилна и веќе немате потреба од интензивно лекување, мониторинг и нега, вие ќе бидете преместени на оддел за полуинтензивно лекување.

Првичните цели на првата фаза на срцева рехабилитација вклучуваат:

  • Проценка на вашата подвижност и ефектите што ги има основната функционална подвижност врз вашиот кардиоваскуларен систем.
  • Соработка со лекарите, медицинските сестри и физиотерапевтите за побрзо отпуштање од болницата.
  • Составување на план со безбедни вежби со цел да ви помогнеме да ја подобрите вашата подвижност и да ја подобрите срцевата кондиција.
  • Информации и специјални едукации за придржување кон сериозни мерки на претпазливост доколку имате операција на отворено срце со цел превенција од компликации поврзани со градната коска.
  • Едукација за користење на соодветни ортопедски помагала за граден кош .
  • Решавање на сите ризик фактори кои што можат да доведат до кардиолошки проблеми.
  • Обезбедување на соодветен уред, ортопедско помагало за помош при движење, доколку е потребноо, како на пример медицинска одалка ( дубак ) за да бидете сигурни дека ќе можете безбедно да се движите наоколу.
  • Специјална едукација со вас и вашето семејство за вашата состојба и очекуваните придобивки и ризици поврзани со рехабилитационата програма.

Штом ќе има значително подобрување во вашата состојба, односно заздравување, вие може да бидете преместени во центар за кардио рехабилитација или да бидете отпуштени, за во домашни услови да го започнето второто ниво на вашата рехабилитација.

2. СУБАКУТНА ФАЗА

Откако ќе ја напуштите болницата, вашата програма за срцева рехабилитација ќе продолжи во амбулантско одделение. Втората фаза на срцева рехабилитација обично трае од три до шест недели и вклучува континуирано следење на вашите срцеви реакции на вежбање и активност.

Голем акцент во втората фаза на срцевата рехабилитација се става на едукација за правилни начини за вежбање и за тоа да се само-мониторира срцевиот ритам и нивото на напор за време на вежбањето. Оваа фаза се фокусира на вашето безбедно враќање во функционална подвижност следејќи го вашиот срцев ритам.

Кон крајот на втората фаза, треба да бидете подготвени да започнете повеќе независни вежби и активности.

3. ИНТЕНЗИВНА АМБУЛАНТСКА ТЕРАПИЈА

Третото ниво од кардио рехабилитација вклучува повеќе независни и групни вежби. Треба да бидете во можност да го мониторирате вашиот ритам на срцето, вашиот симптоматски одговор од вежбањето и вашето ниво на постигнат напор. Вашиот физиотерапевт ќе биде присутен во текот на оваа фаза за да ви помогне да ја зголемите вашата толеранција на вежбање и да ги следите сите негативни промени што можат да се појават во текот на оваа фаза на срцева рехабилитација.

Како што станувате сè повеќе независни во текот на третата фаза на рехабилитацијата, вашиот физиотерапевт може да ви помогне и да прилагоди програма за вежби, вклучувајќи флексибилност, зајакнување и аеробни вежби.

4. НЕЗАВИСНА КОНДИЦИОНА СПРЕМНОСТ

Последната фаза на срцева рехабилитација е ваш сопствен независен и континуиран режим. Ако сте учествувале целосно во претходните три фази, тогаш треба да имате одлично знаење за вашата специфична состојба, фактори на ризик и стратегии за одржување на оптимално здравје.

Независно вежбање и кондиција се неопходни за одржување на оптимално здравје и спречување на можни идни кардиолошки проблеми. Со оглед на тоа што оваа фаза е насочена кон независно одржување и функционирање, вашиот физиотерапевт е достапен да ви предложи план со промени во тековната рутина на вежбање, со цел да ви помогне да постигнете физичка кондиција и здравје.

Неочекуван срцев настан, како срцев удар или операција на отворено срце, може да биде застрашувачко и животно загрозувачко искуство. Со тесна соработка со вашиот лекар и тимот за рехабилитација и преку целосно учество во четирите фази на срцева рехабилитација, можете да ги зголемите вашите шанси за брзо и безбедно враќање во оптимално здравје и нормално функционирање во секојдневните животни процеси.

 

Автор:

Лепосава Лазаровска

Дипл.Физиотерапевт

ПЗУ Клиничка Болница Жан Митрев

Е-маил: leposava.jovanovska@zmc.mk

Тел. 02/3091484

071/381-952

Скопје Р.Македонија

www.zmc.mk

Остави го твојот коментар.

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.