Напредно
Пребарување

Респираторната физиотерапија е главна алка во рехабилитација на пациентите во болнички услови особено кај пациентите после оперативни третмани. Целта е ослободување на дишните патишта од заостанатиот секрет кој што лесно се собира при подолго лежење, а може да предизвика и дополнителни заболувања (пр. Пнеумонии).

Перкусиона терапија

Перкусионата терапија претставува мануелна техника која што ја спроведуваат респираторните физиотерапевти со цел да се направи прочистување на дишните патишта со мобилизирање на секретот од еден или повеќе сегменти (лобуси) на белите дробови кон погорните делови на дишните патишта. Перкусијата се спроведува преку зафатените регии на белите дробови со цел да се создадат силни бранови кои што се пренесуваат до белите дробови и дишните патишта, а предизвикуваат ослободување на густиот и леплив секрет од ѕидовите на белодробието. Перкусионата терапија може да биде комбинирана со активен циклус на дишење или пак со соодветно позиционирање на пациентите кои што не може активно да учествуваат во процесот.  Комбинирањето на оваа техника со соодветно позиционирање и помош на гравитацијата овозможува полесно дренирање на заостанатиот секрет.

Перкусионата терапија може да се спроведе на два начини:

  1. Мануелна перкусија
  2. Механичка перкусија

Поголем бенефит имаме кај мануелните техники кои што помагаат за полесно ослободување од секретот.

Перкусионата терапија може да се применува кај следните состојби:

  • Цистична фиброза
  • Емфизем
  • Хроничен бронхитис
  • Пневмонија
  • Акутен респираторен дистрес синдром (ARDS)
  • Бронхиектазии
  • Хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ)

Техники

Перкусионата терапија се спроведува со соодветно поставена дланка, благи удари во соодветен ритам врз ѕидот на градниот кош со цел да се спроведе дренажа. На овој начин се ослободува густиот и леплив секрет и полека се придвижува кон пошироките дишни патишта со цел да полесно се искашла – исфрли од организмот.

За да оваа техника има подобар ефект препорачливо е:

  • Пациентот да биде во удобна и безболна позиција;
  • Да се спроведе преку пешкир, за да не се предизвика болка;
  • Терапевтот треба да ги задржи рамениците, лактите и рачните зглобови слободни и подвижни за полесно да манипулира;
  • Се спроведува 5 – 7 минути, а потоа пациентот се форсира да искашла.

 

Постурална дренажа

Постурална дренажа преставува соодветно позиционирање на пациентот за да со помош на гравитацијата се спроведе чистење на дишните патишта. Соодветното позиционирање за постуралната дренажа е различно и зависи од тоа кои сегменти од белите дробови треба да се исчистат од секрет. Пред да се спроведе постуралната дренажа од големо значење да се точно потврди во кој сегмент (лобус) е секретот па третманот да биде со точна цел.

Вибрациона терапија:

Вибрационата терапија претставува третман со фини треморски движења (вибрации) кои што може да бидат спроведени мануелно или со апарат. Се спроведува на тој начин така што се врши притисок кон ребрата и меките ткива за време на експириум (издишување). Со помош на оваа техника се предизвикува одлепување и раздвижување на густиот, леплив секрет.

Индикации:

  • Пациенти со белодобни заболувања кои што се поврзани со зголемена продукција или вискозност на мукус, како што се хроничен бронхит и цистична фиброза;
  • Пациенти со ограничени движења и продолжено лежење во кревет;
  • Пациенти после целосна анестезија и длабоки и болни резови кои што го ограничуваат дишењето и кашлањето;
  • Сите пациенти кои што се на респиратор, а може да го толерираат третманот (хемодинамски стабилни);
  • Пациенти со ХОББ.

Контраиндикации:

  • Фрактури на ребра, пршлени или остоепоротични коски;
  • Туморски ткива во таа регија;
  • Белодробна емболија;
  • Крвав искашлок;
  • Нестабилна ангина;
  • Неврохируршки операции, каде што е контраиндицирано поставување на главата надоле;
  • Болки во предел на граден кош;
  • Бронхоспазам (се смета дека не е целосна контраиндикација).

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.