Хронична обструктивна белодробна болест – ХОББ е група на хронични заболувања на респираторниот систем ,кои се изразуваат со потешкотии во дишењето т.е опструкции на воздушните патишта кај пацинети на кои претходно им било дијагностицирано хроничен бронхитис или емфизем .
ХОББ се карактеризира со опструкција на респираторните патишта која не е потполно реверзибилна. Респираторната опструкција не се менува значајно и обично е долгорочно прогресивна состојба . Болеста најчесто е предизвикана од пушење но истотака влијаат и други фактори, како што е професионалната изложеност на токсични гасови и испарувања . Оваа болест се јавува кај 34 случаи на 1000, и вообичаено кај лица над 65-годишна возраст.
Во научни студии во повеќе земји е утврдено дека луѓето што живееат во големите градови почесто заболуваат од ХОББ, во споредба со руралните средини. Еден од главните симптоми кај пацинетите со ХОББ е кашлицата, која всушност е одбранбен механизам на дишните патишта, кој ги штити од несаканите инхалирани честички, како и значаен метод на чистење на продуцираниот слуз во нив. Кашлицата кај пациентите со ХОББ често се јавува во утринските часови. Другиот главен симптом е диспнеата (краток здив), кој се смета за најсигнификантен знак на оваа болест.
Пациентите со напредната форма на ХОББ често развиваат респираторна слабост. Која се манифестира со појава на цијаноза на слузниците и кожата, како резултат на недостаток на кислород во крвта. Вишокот на јаглеродниот диоксид во крвта причинува главоболка, сонливост или грчеви. Како компликација на напредната ХОББ се и промените на срцето познати како хронично белодробно срце кои се резултат на неговата зголемената работа т.е поради поголемиот напор за да ја уфрли крвта во болнопроменетите патишта на бели дробови.
ХОББ продуцира симптоми, попреченост и влошен квалитет на живот кои може да реагираат на фармаколошка но многу често и на комбинација со други терапии како на пример респираторна физиотерапија со фамаколошка подршка со што се зголемува ефектот на третманот на опструкцијата на воздушните патишта. Нема еден самостоен дијагностички тест за ХОББ. Поставувањето на дијагнозата е заосновано на клиничката проценка, базирана на комбинација од историјата на пациентот, физикалниот преглед и потврдата за присуство на опструкција на воздушните патишта со помош на спирометрија.
Во лекувањето на ХОББ се користат бронходилататори, кои доведуваат до релаксација на мазната мускулатура на дишните патишта и зголемувајќи го нивниот лумен го подобруваат воздушниот проток. Со тоа ги редуцираат симптомите особено диспнеата што доведува до подобрување на толеранцијата на напор и се подобрува квалитетот на живот. Употребата на антибиотиците се препорачува кај пациентите со влошувања на состојбата. Аминифилинот како бронходилататор се препорачува особено кај пациентите кои пушат. Во лекувањето на пациентите кај кои дошло до респираторна слабост, а тоа се пациенти во четврти стадиум на болеста и притоа вредностите на парцијалниот притисок и сатурацијата со кислород се ниски, потребно е да се употреби терапија со кислород.
Терапијата со кислород (Оксигено терапија) се препорачува да трае над 15 часа во тек на денот, со ниски протоци 1,5 до 2 литри во минута.Оксигено терапијата е дел од респираторната физиотерапија која истотака содржи и респираторни вежби за длабоко вдишување и искашлување ,постурална дренажа и инхалациона терапија.Сите овие елементи на респираторната физиотерапија се водечки во третманот на ХОББ имајки предвид нивната ефективност веднаш по нивното спроведување.
Инхалационата терапија со аеросоли во комбинација со вежби за дишење и експекторација помага за ефективно внесување на аеросолните честички во дишните патишта и нивно таложење со што се размекнува бронхиалниот секрет т.е се предизвикува локално фармако – динамско дејство и помага во подобрување проодноста на дишните патишта со евакуација на насобраниот белодробен секрет .Најчести аеросоли кои се користат во третманот на ХОББ се бронходилататори, мукосекретолитици, деконгестиви и антибиотици.
Физиотерапевтот и пациентот се партнери во овој процес , најчесто пациентите кој подолго време живеат со болеста и се свесни за својата состојба , се едуцираат за самостојно и редовно спроведување на респираторните вежби за корегирање на респираторната механика и соодветна физичка активност со што директно влијаат на квалитетот на својот живот.
Третманот на пациентите со ХОББ е комплексен и во нивното лекување треба да бидат инволвирани специјалисти (пулмолог , физиотерапевт и нутриоционист) кои директно треба да соработуваа во индивидуалниот третман на пациентот . Само соодветната комбинација од третмани и совети од различните специјалисти може да влијае на успешноста на лекувањето на пацинетите со ХОББ.