Неуромодулацијата е неинвазивна електротераписка метода со примена на електрична стимулација со низок интензитет преку која се предизвикува моментална промена на неуротрансмитерските процеси . Има неколку начини на кои може да се спроведува оваа метода : површински (транс кутано) сакрално на ниво од S2 до S4 сакрална неуромодулација (ТSNMD), транскутана стимулација на тибијалниот нерв (ТTNS), перкутана стимулација на тибијалниот нерв – со примена на акупунктурни игли (PTNS) и интравезикална стимулација .
Клиничките испитувања покажуваат успешност скоро на сите овие методи на невромодулации во третманот на лекување на хиперактивен мочен меур , досега нема докази за евентуални компликации како и влијанието на годините во исходот на лекувањето.
Станува збор за нехируршки и неинвазивен третман кој се спроведува со уред за неуромодулација со низок интензитет. Третманот се спроведува со електроди поставени на кожата на глуждот каде што се лоцира тибијалниот нерв или сакрално на ниво од S2 до S4. Кога тибијалниот нерв е стимулиран, импулсите патуваат до нервните корени во ‘рбетот за да блокираат абнормални сигнали од мочниот меур и да спречат грчеви на мочниот меур.
Неуромодулацијата со користење на различните техники според локацијата на стимулација како физиотерапевтска интервенција може да игра важна улога во процесот на рехабилитација кај децата со неуроген мочен меур и кај возрасните со симптоми на хиперактивен мочен меур. Најчесто пациентите сензацијата која ја чуствуваат за време на третманот ја опишуваат како пулсирање ,трнење во стапалото или треперење на показалецот на стопалото . Третманот може да трае од 20 до 30 минути еднаш дневно и се бара контиунитет од 12 недели со минимум 5 третмани седмично. Првите резултатите се очекуваат помеѓу 5та и 7та недела што значи дека е потребно поголема посветеност од страна на пациентот. За да се одржат првичните резултати и за да се продолжи контиунитетот на подобрување подоцна истиот третман треба да продолжи во времетраење од еден месец неколку пати во годината. Затоа постојат соодветни уреди кои се направени за оваа намена кои пациентите можат самостојно дома да ги спроведуваат третманите со претходна соодветна едукација од страна на физиотерапевт.
Како функционира невромодулацијата ?
Инервацијата на долниот уринарен тракт доаѓа од лумбалните, сакралните и коксигеалните сегментални нерви кои потекнуваат од L2-S4. Голема мрежа на аферентни и на еферентни влакна се формира по излегувањето од ‘рбетниот мозок, инервирајќи ги сите карлични органи. Ишиадичниот нерв е составен од нервите влакна од L4 до S3 и се спушта надолу кон долните екстремитети. Една од неговите дистални гранки е задниот тибијален нерв . Се претпоставува дека невромодулацијата е ефект на вкрстено испраќање на сигнали помеѓу симпатичните и парасимпатичните постганглионични нервни завршетоци и синапси, предизвикувајќи промена на нервните сигнали вклучени во рефлексот за празнење. Се сметаа дека стимулацијата на периферните нерви може да го менува нервното однесување на другите системи, што доведува до промена во функцијата на мочниот меур преку стимулирање на периферните нерви.