Пред да зборуваме за неспецифична болка во долниот дел на грбот (NSLBP), најпрво мора да исклучат потенцијално сериозни заболувања:
- фрактури,
- тумори,
- инфекции,
- инфламација,
- спинални патологии како на пр. дискус хернија со компресија на нервен корен,
- болка која рефлектира од патологија на внатрешни органи;
Но, околу 80–90% од сите случаи на болка во лумбалниот дел не може да се идентификува јасна патолошка причина. Клиничките испитувања најчесто се насочени кон исклучување на сериозни заболувања, но ретко навлегуваат во механизмите кои ја предизвикуваат болката.
Од каде доаѓа болката ако снимките изгледаат „нормално“?
Секоја инервирана структура може да биде извор на болка: мускули, лигаменти, зглобови, дискови како и тораколумбалната фасција (ТЛФ). Фасцијата е сврзно ткиво, богато со нервни завршетоци, некои се чувствителни на болка, некои реагираат на напнатост и движење.
Кога фасцијата ќе се воспали, ако дојде до повреда или ја изгуби својата „лизгачка“ способност, која е многу битна за нејзина нормална функција, се создаваат абнормални тензии. Движењата стануваат ограничени и болни, а често се јавува и утринска вкочанетост. Фасцијата се прилагодува различно во различни движења, таа е флексибилна и подвижна, но при хронична болка, станува помалку еластична и се деформира поинаку за време на движење (на пр. При кревање на товар).
- Овие промени влијаат на мускулите кои го стабилизираат ’рбетот (мултифидус, еректор спини) па доаѓа до нарушена контрола на движење. И глутеусите и задната ложа влијаат на вкочанетоста во лумбалниот дел.
Сето ова создава еден зачаран круг: болка, ограничена подвижност, асиметрии во држењето на телото, биомеханички дисфункции, повторливи повреди и хронична болка.
Што се функционални промени?
Болката и вкочанетоста не секогаш се резултат на повреда или заболување. Може да биде резултат на функционални промени, промена во начинот на кој ткивата ја извршуваат нивната нормална функција.
Ова се поврзува и со централна сензитизација, зголемена чувствителност на нервниот систем, болката се чувствува поинтензивно и подолго.
-
Мускулите – намалена активација
-
Фасцијата – местото се чувствува затегнато
-
Крвните и лимфните садови – циркулацијата се успорува
-
Нервни завршетоци– праќаат сигнали на болка
Како се третира?
Разбирањето на овие механизми овозможува персонализирани третмани, кои вклучуваат:
- Мануелна терапија/Фасцијална Манипулација (ФМ) – техники насочени кон враќање на нормалната биомеханика на телото. Намалена болка, зголемена подвижност.
- Вежби за активација на длабоките стабилизатори на ’рбетот – со цел враќање на нормалната контрола на движењето.
- Истегнување – клучно е за правилно ремоделирање на колагенските влакна, што го прави ткивото поеластично и поотпорно на механички стрес.
- Намалување на сензитивноста – преку движење, едукација и техники за релаксација.
За луѓето кои живеат со хронична болка , правилната терапија може значително да им го подобри квалитетот на живот. Наместо фокусот да биде само на коските или дисковите, може да се насочиме кон фасцијата – активно, адаптибилно сврзно ткиво кое реагира на мануелна терапија, истегнување и движење.
Ваквите третмани можат да ја подобрат подвижноста, да ја намалат болката и да го намалат ризикот од повторна појава, овозможувајќи им на пациентите да се движат слободно и со поголема самодоверба.