Латерален епикондилит, исто така познат и како “Тениски лакт” е најчестиот синдром на прекумерно користење на зглобот во лактот. Тоа претставува тендинопатија која ги вклучува екстензорните мускули на подлактицата. Овие мускули се протегаат од страничниот епикондил на дисталниот дел на хумерусот. Во многу случаи оваа состојба го вклучува и мускулот extensor carpi radialis brevis.
Важно е да се напомене дека само 5% од луѓето кои страдаат од оваа состојба имаат повреда при играње тенис. Контрактилните преоптоварувања кои хронично ја напрегаат тетивата во близина на припојот на рамената коска се примарна причина за појава на Латерален епикондилит.
Често се појавува како состојба при подолго работење на компјутер, кревање на прекумерна тежина (тегови), насилни движења во подлактицата како пронација и супинација (вртење кон внатре и надвор) и повторувачки вибрациски сили. Иако го носи името “Тениски лакт” сепак оваа хронична состојба се јавува и кај други спортови како сквош, бејзбол, пливање, фрлање диск/топка.
Лицата кои имаат професионална определба која бара чести и повторувачки еднострани движења исто така често страдаат од оваа состојба, а тоа се професиите: електричар, столар, градинар, работа во канцеларија и сл.
Клиничка слика
Најчестиот симптом при оваа состојба е болката која се појавува при паплација (допир) на местото каде што се екстензорните мускули на латералниот епикондил (надворешната страна) на лактот.
Болката може да пропагира нагоре кон надлактицата, надоле по внатрешната страна на подлактицата и во ретки случаи дури и до третиот и четвртиот прст на шаката. Понатаму, исто така може да се забележи дека флексибилноста и мускулната сила во екстензорите на зглобот и мускулите на задниот дел на рамото се намалени.
Постојат четири фази на развој на оваа состојба во однос на интензитетот на симптомите:
- Слаба болка која се појавува неколку часа по активност која на предизвикува;
- Болка на крајот при спроведување или веднаш по спроведување на активноста;
- Болка за време на спроведување на активноста која е поинтензивна по завршување на истата;
- Постојана болка, која ограничува секаква активност.
Пациентите често пријавуваат слабост во стисокот на раката или чувство на тежина и ограниченост при носење на предмети во раката. Оваа слабост се должи на намалување на мускулната сила на екстензорите на прстите и супинаторот. Кај некои пациенти се јавува чувство на пареза но тоа е редок симптом.
Симптомите во просек траат од 2 недели па може се и до 2 години. 89% од пациентите закрепнуваат во рок од 1 година.
Третман
После соодветно спроведена дијагностика и поставување на дијагнозата се пристапува кон третман на состојбата.
Физиотерапијата при оваа состојба опфаќа:
- Едукација на пациентот за правилни движења во зглобот и избегнување на движења кои ја провоцираат болката;
- Терапевтски ултразвук;
- ТЕНС (транскутана електронервна стимулација) терапија;
- Криотерапија;
- Функционална магнетна стимулација;
- Кинезиотејпинг;
- ЕРГОН ИАСТМ (моблизација на меки ткива со помош на алатки);
- Flossing терапија;
- Терапевтски вежби со и без отпор.
Изборот на соодветна метода за третман на оваа состојба се разликува зависно од симптомите кај пациентите.
Клиничките испитувања покажуваат дека правилно избраната и спроведена програма доведува до позитивни резултати и ослободување од симптомите.