Дефиниција
Емфиземот е прогресивна болест на белите дробови која се јавува како форма на хронична опструктивна белодробна болест која ги зафаќа воздушните простори кои се дистално од терминалните бронхиоли. Карактеристика е трајно зголемување на воздушните простори во белите дробови со што доаѓа до деструкција на ѕидовите на алвеолите без да се оштети белодробната обвивка ( паренхим ). Ова е сериозно заболување кое влијае на способноста на размена на гасови. Постојат три типа на емфизем:
1. Центриацинарна – состојба каде што се уништени ѕидовите на алвеолите. Кај овој подтип на емфизема зафатени се централните делови на ацинусите ( структурни единици на белите дробови кои содржат респираторни бронхиоли, алвеоларни канали и алвеоли ).
2. Панацинарна – подтип на емфизема која што се карактеризира со целосно уништување на ацинусот и која што се локализира најчесто во долните делови на белите дробови.
3. Парасептална – која се карактеризира со проширување на дисталните делови на ацинусот особено алвеоларните канали и алвеоли кои се наоѓаат блиску до плеврата.
Епидемиологија
Емфиземот како дел од ХОББ претставува значителен здравствен проблем кој зафаќа голем дел од светската популација. Според глобална студија за оптоварување на болести ХОББ има глобална преваленца од 251 милиони случаи. Како главни фактори за зголемување на бројот на заболени е пушењето и зголеменото загадување на животната средина. Генетските фактори исто така имаат одредена улога.
Етиологија
Точниот причинител за оваа состојба не може да се утврди. Сепак според сите истражувања големо влијание има пушењето и загадувањето на животната средина. Друга причина која е поврзана со генетската предиспозиција е недостаток на ензимот алфа1-антитрипсин кој ги заштитува алвеолите од инхалирани иританти.
Патофизиологија
Емфиземот првенствено ги зафаќа дисталните делови на белите дробови. Кај оваа состојба имаме губење на еластичноста на бронхиолите, а како резултат на тоа се губи стабилизирачката функција на бронхиолите и имаме колапс на дишните патиштa.Сето тоа резултира со заробување на воздух во дисталните делови на белите дробови.
Дијагностички Процедури
CT – Компјутерска Томографија е честа метода за дијагностика на емфизем. Оваа техника обезбедува детална слика на белите дробови. Клучните наоди од КТ:
· Намалување на белодробна Атенуација (намалена густина на белодробно ткиво)
· Намалување на бројот и дијаметарот на белодробните садови
Оваа метода е важна за рано откривање на емфиземот, а добиените наоди ни утврдуваат колку е степенот на оштетување на белите дробови.
Тестови на белодробна функција (PFT) – се важен дијагностички метод за проценка на функцијата на белите дробови и идентификација на респираторни заболувања вклучувајќи го и емфиземот. Овие тестови мерат колку добро белите дробови функционираат во процесот на размена на гасови.
· Спирометрија
· Тест за белодробен волумен
· Тест за дифузионен капацитет
· Оксиметрија
· Анализа на артериски крвни гасови
· Тест со бронходилататор
· Кардиореспираторен тест за физичка активност
Физикална Терапија
Кај пациентите со емфизем е клучна компонента од рехабилитацискиот процес. Главната цел на ФТ е подобрување на квалитетот на живот преку олеснување на симптомите, подобрување на физичката способност и ефективноста на дишење.
Се користат следните интервенции:
1. Респираторна физикална терапија со цел зголемување на белодробна експанзија и намалување на стагнација на секрет во белите дробови
· Вежби за контрола на дишење
· Употреба на уреди со позитивен воздушен притисок за намалување на хиперинфлација на бели дробови
2. Постурална Дренажа и техники за отстранување на секрет
· Постурална дренажа – позиционирање на телото со цел исфрлање на секретот од белите дробови
· Перкусија и Вибрации – мануелни техники за ослободување на секрет
· Техники за Кашлање – вежби за ефективно кашлање и отстранување на секрет
3. Дишење и техники за олеснување на дишењето
· Дијафрагмално дишење – длабоко дишење преку дијафрагмата за да се намали енергетска потрошувачка при дишење
· Дишење со стегнати усни – успорување на издишување со благо затворени усни помага да се намали задршка на воздух и зголемување на експираторен волумен
· Контролирано дишење – комбинација на дишење со физички активности за да се намали диспнеата
4. Кислородна Терапија – целта е подобрување на оксигенација на ткивата, да се намали диспнеа (отежнато дишење) и спречување на компликации предизвикани од хипоксемија.
Кислородната терапија може да биде долгорочна, краткотрајна и амбулаторна. Кај долгорочна пациентот е на кислородна поддршка повеќе од 15 часа дневно. Краткотрајна се користи при специфични активности, а амбулаторна е кога пациентот користи преносливи кислородни уреди.
Постојат неколку начини на испорака на кислород
– назални канили – најчесто користен метод
– назални маски – се користат кај пациенти кои имаат потреба од повисоки концетрации на кислород
– преносливи уреди
5. Аеробни вежби – со цел подобрување на кардиореспираторен капацитет
– Одење на лента или рамен терен, вежбање на статичен велосипед, лесни аеробни активности како пливање или пешачење