FIBRODYSPLASIA PROGRESSIVA OSSIFICANS – PT Sci Денис Арсовски

  1. Почетна
  2. Едукативни
  3. FIBRODYSPLASIA PROGRESSIVA OSSIFICANS – PT Sci Денис Арсовски
fo
Fibrodysplasia progressiva ossificans (синоними: FOP, Myositis progressive ossificans) претставува многу ретка наследна болест на сврзното ткиво која се карактеризира со абнормален развој на коска во делови од телото кадешто коските не се вообичаено присутни (хетеротопична осификација), како што се лигаментите, тетивите и скелетните мускули. Поточно, ова нарушување ги предизвикува скелетните мускули и мекото сврзно ткиво да подлежат кон метаморфоза, односно трансформација во коска, прогресивно затворајќи ги зглобовите на место и правејќи движењето да биде многу тешко или невозможно. Fibrodysplasia progressiva ossificans се карактеризира со малформирани големи прсти на ногата ,кои се присутни при раѓање. Други малформации се гледаат во цервикалниот дел од ‘рбетниот столб, ребрата, како и абнормален развој на коска на многу локации на меките ткива кои може да предизвикат епизодична вкочанетост во погодените места, ограничено движење и на крај, анкилоза на зглобовите (вратот, рамената, лактите, колковите, колената, зглобовите на дланките, скочните зглобови, вилицата, обично зафатеноста е по овој редослед). Предкоскените отоци на меките ткива на Fibrodysplasia progressiva ossificans обично почнуваат во текот на раниот детски развој. Повеќето случаи на Fibrodysplasia progressiva ossificans се случуваат како резултат на спорадични нови мутации. Идентификувана е генетската мутација која го предизвикува ова заболување. Fibrodysplasia progressiva ossificans е предизвикана од мутација на ген во патот на  коскениот морфогенски протеин, што е многу важен за формирањето на скелетот во ембрионалниот развиток.    

Патофизиологија

    Патофизиологијата на Fibrodysplasia progressiva ossificans не е позната. Претставува автозомно доминантна болест со целосна пенетрација но варијабилна генетска експресивност. Многу резултати укажуваат дека оваа болест се мапира со 4q27-31, регион кој содржи најмалку еден ген кој го сигнализира морфогенскиот коскен протеин. Морфогенските коскени протеини играат важна улога во развојот на коските и на другите ткива. Состојбата на ова заболување е мултуфокална, почнува да се развива обично по траума. Генетската причина за Fibrodysplasia progressiva ossificansсе наоѓа во рамките на генот ACVR1, кој го енкодира тип 1 коскениот морфогенски протеин – трансмембранскиот рецептор. Повторлива мутација на коскениот морфогенски протеин тип 1 рецептор ACVR1 предизвикува наследна и спорадична Fibrodysplasia progressiva ossificans. Во една студија, беше мапиран и 2q23-24 регионот, со многу слично поврзување. Документирани се бројни мутации. Опишана е мутацијата на ногин (NOG) генот при Fibrodysplasia progressiva ossificans. FOP генетиката во регионот 17q21-22 била опсервирана со неколку мутации опишани во  NOG генот (лоциран во 17q22) кај четири пациенти со оваа болест, вклучувајќи ја и G91C мутацијата, која била пренесена доминантно во едно шпанско семејство. Оваа мутација е гванин-во-аденин промена на нуклеотидот 283 (283G–>A) во  NOG генот и била пренесена од мајката на нејзините две афектирани (погодени) деца. Пациентите со Fibrodysplasia progressiva ossificans со хетеротопична осификација и/или малформации на прстите на нозете се опишани во две категории:
  • Fibrodysplasia progressiva ossificans-плус (класично дефинирање на карактеристиките на Fibrodysplasia progressiva ossificans плус еден или повеќе атипични карактеристики);
  • Fibrodysplasia progressiva ossificans-варијанти (големи промени на едната или двете класични дефиниции за карактеристиките на Fibrodysplasia progressiva ossificans).
Две единствени мутации во ACVR1 генот биле идентификувани кај два пациенти со оваа болест од Велика Британија со некои атипични абнормалности на прстите и други клинички карактеристики. Пациент од Јапонија со мутација на ACVR1 генот, имал нормално развивање се до 17 годишна возраст, проследено со благ клинички тек на болеста. Овие две мутации се разликувале во локалните структурни промени во ACVR1 протеините, откриени со хомологни модели на нативните и мутационите ACVR1 киназа домени. Нарушеното врзување на FKBP1A и изменетите субклеточни распределби на R206H ACVR1 мутации можат да го активират коскениот морфогенски протеин (BMP), сигнализирајќи во екстраскелетните делови, што доведува до продолжено и прогресивно ектопично коскено формирање. ALK2 мутацијата, L196P, е идентификувана при благите форми на Fibrodysplasia progressiva ossificans.      

Епидемиологија

    Преваленцата на Fibrodysplasia progressiva ossificans се проценува како 1 случај на 1.64 милиони лица во Велика Британија. Помалку од 200 случаи се опишани во светот. Fibrodysplasia progressiva ossificans најчесто се јавува кај белата раса, но исто така, неколку случаи се пријавени и кај црната раса. Fibrodysplasia progressiva ossificans е многу почеста кај жените отколку кај мажите. Fibrodysplasia progressiva ossificans обично се јавува во раното детство. Постојат извештаи за вмешаност на матката и скелетни деформитети при раѓањето.  

Прогноза

Прогнозата за Fibrodysplasia progressiva ossificans е многу лоша поради вмешаноста на торакалните мускули и реструктивните белодробни болести. Многу од овие пациенти се врзани за кревет со текот на времето (околу 30 годишна возраст) и обично овие пациенти умираат пред да наполнат 40 години.    

Клиничка презентација

    Сите болни со класична Fibrodysplasia progressiva ossificans имаат малформации на големите прсти, а во околу 50% од случаите, се на палците на стапалата. Овие скелетни промени се присутни при раѓање и се првите клинички знаци за ова нарушување. Најчестите малформации поврзани со ФПО се скратување на големиот прст на долниот екстремитет со малформирани дистални први метатарзални коски со недостаток или абнормален интерфалангеален зглоб. Други деформитети на прстите на стапалото и раката може да вклучуваат hallux valgus, абнормално кратки прсти на рацете и нозете (микродактилија) и/или постојана фиксација на петтиот прст во флектирана позиција (клинодактилија). Други конгенитални знаци на Fibrodysplasia progressiva ossificans се проксимален медијален тибијален остеохондром, малформации на горниот дел од ‘рбетниот столб (цервикални пршлени) и/или абнормално кратко широк врат на фемурот. Прогресивното коскено формирање на коските во областите од телото каде коските не се присутни вообичаено (хетеротопична осификација) се случува во текот на раното детство, но може да се случи и во текот на адолесценцијата, раните зрели години или во било кој момент во текот на животот. Абнормалниот развој на коските може да се случи спонтано, но најчесто се формираат по повреди на меките ткива или некоја вирусна болест. Првиот знак за хетеротопична осификација е појавата на отоци на одредени делови од телото, особено на грбот, вратот и/или рамената. Овие отоци на меките ткива созреваат преку ендохондрална патека за да формираат зрела хетеротопична коска. Коскените израстоци обично ги има во тетивите, лигаментите, скелетните мускулни ткива, како и на фасциите и апоневрозите. Во некои случаи, болка и вкочанетост се појавиле во овие регии. Иако отоците на крајот се повлекуваат, тие се зацврстуваат во соодветната коскена маса се повеќе и повеќе како и се намалува големината. Во погодените области, коската полека го заменува сврзното ткиво, се појавуваат коскени израстоци на разни тетиви, лигаменти, фиброзни ткива и фасции. Најпрво погодени области се областите на вратот, грбот, градите, рацете и нозете. Болеста исто така  може значително да влијае на колковите, нозете, рачните зглобови, лактите, рамената и/или вилицата, како и на абдоминалниот ѕид. Во некои случаи, прогресијата за развој на коските може да биде многу брза, во други случаи постепена. Дури и кај идентични близнаци прогресијата на болеста може да се разликува во голема мера, одразувајќи различни трауматски епизоди. Хроничниот оток на различни делови на телото претставува заедничка карактеристика на сите лица со Fibrodysplasia progressiva ossificans. Отокот може да се појави заедно со абнормалното формирање на коските која е карактеристика на Fibrodysplasia progressiva ossificans, или може да се појави кога новоформираната коска ги притиска лимфните садови, попречувајќи го протокот на течноста. Покрај тоа, отокот исто така може да биде предизвикан од недостаток на недостаток на акција на мускулите и може да предизвика крв и ткивни течности во екстремитетите. Абнормалниот развој на коските при крајот доведува до вкочанетост и ограничено движење на зглобовите. Доколку вилицата е зафатена, пациентите имаат проблеми со исхраната и/или зборувањето. Покрај тоа, абнормалниот развој на коските може да доведе до прогресивен деформитет како сколиоза, а во некои случаи и кифоза. Во некои случаи, коската која се развива во абнормални области може да предизвика фрактура. Како што болеста напредува, болните имаат голема ограничена подвижност што предизвикува проблеми со рамнотежата, потешкотии при одење или седење. Може да дојде и до строго ограничено движење (пациентите се врзани за кревет). Fibrodysplasia progressiva ossificans на крајот резултира со целосна имобилизација. Пациентите можат да доживеат прогресивна болка и вкочанетост во погодените области, фузија на ‘рбетниот столб и/или болка во одредени делови од телото предизвикана од абнормални коскени израстоци кои компресираат нерви во соодветните области (невропатии). Како мобилноста почнува да се влошува, пациентите се подложни на респираторна инфекција или деснострана конгестивна срцева инсуфициенција. Во некои случаи при Fibrodysplasia progressiva ossificans-варијанти, пациентите можат да покажат алопеција или благо когнитивно оштетување. Оштетувањето на слухот се гледа кај 50% од пациентите со Fibrodysplasia progressiva ossificans.    

Диференцијална дијагноза

    Симптомите на следните нарушувања можат да бидат слични со симптомите на fibrodysplasia progressiva ossificans. Споредбата со овие болести може да биде многу корисна при диференцијалната дијагноза: Агресивна јувенилна фиброматоза претставува заболување во која фибробластите се зголемуваат во тетивите, лигаментите и другите сврзни ткива. Овој раст на клетките може да ги нападне околните ткива, што предизвикува болка и инвалидитет. Како резултат на овие лезии може да се појави оток кој е многу сличен со отокот кај fibrodysplasia progressiva ossificans. Сепак, пациентите со агресивна јувенилна фиброматоза немаат малформации на прстите на стапалата за разлика од пациентите со fibrodysplasia progressiva ossificans. Прогресивната коскена хетероплазија претставува многу ретка наследна болест која се карактеризира со абнормален развој на коските во делови од телото кадешто коските не се вообичаено присутни (хетеротопична осификација). Првично, растот на коските може да се развие на површината на кожата (коскени плаки). Овие области можат да станат прогресивни и широко распространети и заедно да формираат уште поголеми области на кожата и да предизвикат зајакната и задебелена кожа (кожна осификација). Оваа болест продира длабоко во кожата на разни мускули, масти и сврзни ткива. Како болеста станува прогресивна, абнормалниот развој на коските може да води до оток и ограничено движење на местото на зафатените зглобови. Во најтешките случаи, зафанатите зглобови можат да бидат трајно фиксирани (анкилоза). Други диференцијално – дијагностички заболувања можат да бидат како дистрофична калцификација (на пример, склеродерма, калцинозис кутис, Рајнаудов феномен, склеродактилија, телеангиектазија синдром), метастатска калцификација, јатрогена калцификација (како компликација од интравенски калциум хлорид и калциум глуконат терапија), остеома кутис и др.    

Дијагноза

    Клиничката слика (особено hallux valgus деформитетот) сугерира на Fibrodysplasia progressiva ossificans. Рутинските биохемиски резултати од минерален метаболизам обично се во рамките на референтни вредности. Кај Fibrodysplasia progressiva ossificans, зголемената алкална фосфатаза е карактеристична за деца! (физиолошки раст на коските). Промените поврзани со Fibrodysplasia progressiva ossificans вклучуваат абнормално формирање на палецот на стапалото, ненормален облик на долгите коски со егзостози,  фузија на цервикалниот дел од ‘рбетниот столб. Најкарактеристични обележја се области на коскени маси кои продираат во мускулите (главно во параспиналниот регион).  Компјутеризираната томографија е најдобриот метод за откривањето на почетокот на лезиите на Fibrodysplasia progressiva ossificans. Евалуацијата од КТ може да демонстрира хетеротопична осификација на птеригоидните мускули, причината за ограничувањето на подвижноста на вилицата и ретрогнација кај постарите пациенти. Биопсијата генерално е контраиндицирана кај овие пациенти поради честиот развој на лезии во областа на траума. Хистолошкиот преглед покажува нагласена пролиферација на фибробластите во мускулите на неколку области, што води до уништување на мускулните влакна. Предоминантните моноцелуларни клеточни инфилтрати се присутни во мускулите и во поткожното сврзно ткиво, со голема пролиферација на сврзното ткиво, фибробластите ги заменуваат оштетените мсукулни влакна започнувајќи области на новоформирано коскено ткиво. Во центарот на фиброзниот материјал, може да се забележи коска или рскавично ткиво. Добро развиените коскени лезии покажуваат типична слика на зрела коска со Хаверсови канали. Мускулите обично секундарно дегенерираат. Мазните мускули не се вклучени.    

Третман

    Оваа болест треба да биде дијагностицирана за време на перинаталниот период. Раниот третман на болеста помага да се избегнат факторите на влошување, да се забави прогресијата на болеста и да се подобри квалитетот на животот кај децата. Нема некоја посебна ефективна терапија при оваа болест, обично се користат бифосфонати и кортикостероиди. Генетската терапија може да даде ефикасен третман при оваа болест, но ова сосема не е докажано. Системските стероиди понекогаш се користат за акутни клинички манифестации. Јонофорезата со стероиди или оцетната киселина може да го подобри намалениот опсег на движење. Откривањето на FOP генот открива високо конзервиран таргет во трансформирањето на факторот за раст-бета/коскен мофрогенетски протеин за сигнализација и присилува терапевтски пристапи за развивање на мали молекулни сигнали со цел да се добијат инхибитори за активната киназа 2. Ефективната терапија за оваа болест може да се заснова врз блокирање на активната киназа 2 или блокирање на активниот рецептор IA/активин киназа 2 сигнализација. Кај пациентите со зголемена предиспозиција за респираторните инфекции поради прогресивното оштетување на мобилноста, може да се спроведат одредени мерки за да се спречи таква инфекција, како што е давање на превентивна (профилактичка) антибиотска терапија. Како што беше означено, нема ефективна терапија за оваа болест. Најчесто се дава ритуксимабот (Rituximab) за третман на оваа болест.  
PALOVAROTENE  е високо селективна ретиноична киселина гама рецептор (RAR-γ) агонист кој е под истрага како потенцијален третман за fibrodysplasia progressiva ossificans. Овој лек е развиен од страна на Клементиа лекови. Работи по принцип на блокирање на коскени формации кај повреден стаорец со модел на хетеротопична осификација и кај генетски модифициран модел на fibrodysplasia progressivа ossificans со активен ACVR1/ALK2 кај стаорец (од досега изнесените извештаи од клиничкото испитување за лекот). Во 2016 во една студија се докажа дека овој лек ја инхибира спонтаната хетеротопична осификација, ја одржува мобилноста и функционирањето на екстремитетите, а исто така го обновува скелетниот раст кај модел на fibrodysplasia progressivа ossificans кај стаорци. Овој лек во моментот е под истражување како потенцијална терапија за оваа болест кај луѓето. Palovarotene во октомври 2016 ја започна втората фаза за клиничко испитување со човеково тестирање. Во моментов фазата 3 започнува со клинички испитувања во Институтот за биомедицински истражувања во Лос Анџелес.
 
Avatar

denis.arsovski

Автор Од:  март 7, 2019

Специјалист рехабилитатор.
1. Сертификат за новини во ФТ и рехабилитација
2. Акредитирана диплома за Таи масажа.
3. Акредитирана диплома за Ломи ломи масажа.
Обавена пракса во тек од 11 години на:
1. Бања Кежовица
2. Ортопедија со трауматологија - Штип
3. РЕ Неврологија - Штип
4. КАРИЛ - Битола
5. РЕ Ортопедија со трауматологија- Битола
6. РЕ Педијатрија - Битола
7. РЕ Неонатологија - Битола
8. РЕ Интерно одделение - Битола
9. РЕ Дерматовенерологија - Битола

Објавено и напишано:
1. Ортопедија со трауматологија, ВМШБ Битола
2. Практикум по спортска медицина, ВМШБ Битола
3. Рехабилитација во психијатрија и ментална хигиена, ВМШБ Битола
4. Геријатрија со нега, ВМШБ Битола
5. Авторизирани предавања по физиотерапија во лепроза
6. Авторизирани предавања по рехабилитација по пластична и реконструктивна хирургија
7. Авторизирани предавања по фрактурологија
8. Авторизирани предавања по кинезитерапија по мастектомија