Физиотерапија при мозочен удар

  1. Почетна
  2. Едукативни
  3. Физиотерапија при мозочен удар
stroke-recovery-hero
Мозочен удар, цереброваскуларен инсулт (CVI),  претставува нарушување  на функционирањето на мозочниот паренхим, кој настанува како последица на нарушувањето на крвотокот заради зачепување на крвните садови или заради нивно прскање и излив на крв во мозочното ткиво . Мозочниот удар клинички се манифестира во вид на одземеност на поедини делови на телото, со нарушување на говорот, испад на поедини видови осети, пречки во координација на движењата и одот или разни психички испади и растројство на свеста, а во скоро 30% од случаите доаѓа до смрт. По процентот на смртност мозочниот удар се наоѓа на трето место, веднаш после болестите на срцето и карцином. Последиците од мозочниот удар ја прават најголемата и најтешката група на инвалидност. Лицата кои доживеале мозочен удар во голема мерка се зависни од своите блиски за задоволување на основните животни потреби. Постојат два типа на мозочен удар:
  • исхемиски и
  • хеморагиски (со крвавење).
При исхемиски мозочен удар, дотекот на крв во одреден дел на мозокот е намален или прекинат, што доведува до дисфункција на мозочното ткиво во зафатеното подрачје. Постојат четири причини заради кои истото може да се случи: тромбоза ,емболија системска хипоперфузија и венска тромбоза Причина за исхемискиот мозочен удар е затнување на некој од артериските крвни садови на мозокот, најчесто поради артеросклероза или крвно згрутчување кое потекнува од изменета каротидна артерија. Како последица на истото дел од мозокот останува без снабдување со крв која носи кислород, што доведува до смрт на мозочните клетки чии последици се неуролошки дефекти или смртен исход. Кај хеморагичен мозочен удар доаѓа до излевање на крв во внатрешноста на черепот или во мозочното ткиво со тешка клиничка слика заради притисок на мозочното ткиво, оток на околното мозочно ткиво. До крвавење може да дојде и од некоја од поситните артериски гранки, ненормална комуникација меѓу артериите и вените (артерио-венска малформација) или абнормално проширување на артериски крвен сад (интракранијална аневризма). Резултат на пукањето (руптурата) е интракранијално крвавење кое клинички се манифестира со исклучително силна главоболка која може, но не мора, на биде проследена со мачнина, повраќање, вкочанетост на вратот и невролошки промени. [4]

Симптоми

Знаците на предупредување за мозочен удар и за минлив исхемичен напад можат да бидат еден или неколку од следниве:
  • Слабост или парализа на лицето, раката или ногата
  • Лоша координација или рамнотежа
  • Тешкотии со зборување или разбирање
  • Тешкотии со голтање
  • Проблеми со видот (заматен вид, дупло гледање или губење на видот)
  • Здрвеност или губење на чувството по една стана на телото
Мозочниот удар претставува итен медицински случај. Какви и да се знаците на мозочниот удар, не треба да се занемарат и треба да се побара итна медицинска помош. Бидејќи, ако се почне со лечењето веднаш после појавата на симптомите, тоа може да ги подобри шансите за преживување и да ја намали тежината на ударот.

Лекување и физиотерапија

Лекувањето после мозочниот удар вклучува примена на  медикаменти за регулирање на  крвниот притисок и холестеролот, како и терапија за намалување на ризикот од формирање грутки на згрутчена крв.Основен дел од третманот на овие пациенти е физиотерапијата. Рехабилитацијата може да трае долг период зависно од степенот на мозочниот удар. Несомнено водечко место во процесот на рехабилитацијата при мозочни удар зазема кинезитерапијата т.е терапијата со помош на движење . Физиотерапевтскиот третман започнува уште во  првите денови кога пацинетот е хемодинамски стабилен , после преживеаниот удар. Уште од хоспитализираната фаза без разлика на тоа за кој степен на оштетување или кои последици ги има, улогата на физиотерапевтот е да направи план за третман со кој ќе се обиде да обезбеди правилна постура на сегментите кои се опфатени од ударот со цел да се спречи појавата на рани, контрактури (ограничени движења на зглобовите), да ги мобилизира сите зглобови, да ја одржи трофиката на мускулите со воведување на одредени потпомогнати или активни вежби за опфатените делови, да го стимулира пациентот да се врти, да седи или па во полесни форми да стои и оди. Откако пациентот ќе се ослободи од хоспитализација, третманот продолжува во домашни услови. Во оваа фаза физиотерапевтскиот третман има важна улога, при што се насочува да ги поврати повеќето функции на деловите кои се опфатени со цел да се оспособи пациентот за вршење на секојдневните активности од животот. Се одредува неврорехабилитациона програма селектирајќи ги тие методи кои се соодветни за пациентот за постигнување на максимални успеси. Се одредуваат вежби за зголемување на моторната сила, координацијата и рамнотежата, вежби за стабилност, и пред се ре-едукација на пациентот за начинот на станување, користење на помагало, правилно одење и др. За зголемување на балансот и стабилноста кај овие пациенти како најсоодветна метода е користењето на физио топка. Неврорехабилитациониот програм задолжително треба да вклучува и употреба на голем број на уреди за тренинг/вежбање на горните и долните екстремитети со цел подобрување на кондиционирање на склетно мускулниот систем. Истотака како една од најефикасните видови на третман е и работната терапија, со цел да ја зголеми фунцијата на одземените делови на телото.   Електростимулација   Електростимулацијата се индицирана  кај пациенти со хемиплегии во облик на надворешна еферентна стимулација т.н. (NMS) невромускулна стимулација  или FМS функционална магнетастимулација. Кај централната лезија мускулите со изразен спазам покажуваат задоволувачка подвижност кога надразливоста на моторната единица ја контролираме по пат на NMS или FMS  на периферниот моторен неврон. NMS на одделни мускулни групи на екстремитетите кои не влегуваат во одговарачка моторна шема поради нарушена координација условно со дезинхибиција на гама моторната активност доведува до редукција на спастичноста и подобрување на функционалноста на екстремитетите. Препорака од авторот : Нема два исти мозочни удари , така да неможе со сигурност да се предвиди потребното време за рехабилитирање после преживување на мозочен удар .Понекогаш тоа може да биде шест месеци но истотака многу често рехабилитацијата може да трае и повеќе од две години. Важно е  да се започне навреме штом пацинетот е хемодинамски стабилен и секако да не се губи мотивација при за спроведување на физиотерапевтскиот план поради долгото рехабилитирање.Сите пациенти треба да имаат можност за директен пристап до соодветно едуциран физиотерапевт кој ќе направи индивидуален план за рехабилитација и истиот ќе го спроведуваат заедно.  
Avatar

Блаже Арсов

Автор Од:  септември 6, 2018

Дипломиран Физиотерапевт
Сертифициран Кинезиотејпинг практичар CKTP
Жан Митрев Клиника
Скопје,Република Македонија
е-маил: blaze.arsov@zmc.mk