Реитеров синдром

download

Реитеров синдром спаѓа во групата на реактивни артритиси при кој зглобните симптоми се последица на некоја инфекција во телото, најчесто од дигестивен или урогенитален тракт.                                                      Болеста прв пат е опишана во 1916 година од страна на германски воен лекар Hans Reiter. Тој опишал три карактеристики на ова заболување: воспаление на зглобовите, уринарниот тракт и очите. Во поново време лекарите ја опишуваат четвртата карактеристика односно улцерации на кожата и устата.

Етиологија

Етиологијата за овој синдром сеуште не е доволно разјаснета. Како главни причинители се сметаат бактериите Salmonella, Chlamydia и Yersinia чии фрагменти можат да се докажат во зглобовите. Вклучени се и генетски фактори. Околу 75% од луѓето со Реитеров синдром имаат антиген наречен НLA -B27 кој игра важна улога во одбрана на организмот од инфекции.

Клиничка слика

Синдром на Реитер често започнува по инфекција на урогенитален или дигестивен тракт. Општите симптоми се обично благи, а специфичните се делат на:

  • периферни зглобови – оток, црвенило, вкочанетост и болка во мускулите. Најчесто зафатени зглобови се колено, стапало, глужд и сакроилијачен зглоб. Болката во лумбална регија се зголемува при мирување. Зафатеноста на зглобовите обично е асиметрична.
  • око- конјуктивитис е најчеста очна манифестација на реактивниот артритис.
  • уретритис- може да биде најчеста форма на вклучување на уринарниот тракт. Кај 80% од заболените се јавува и простатитис или хеморагичен циститис.
  • кожа – улцерациите на слузниците се безболни и затоа често не се забележуваат. На кожата на почетокот се јавуваат бистри меури кои се претвораат во макули, папули и нодули.
  • Од други симптоми треба да се споменат кардијални компликации, бубрежна амилоидоза и тромбофлебитис.

Дијагноза

Дијагнозата се темели на анамнеза и клинички преглед, лабораториски наоди кои откриваат воспаление, причинители, радиолошки испитувања и евентуално HLA B27.

  1. Лабораториски анализи : забрзана SE, зголемен CRP, негативен RF.
  2. Радиолошка дијагностика. Во акутната фаза се гледа остеопенија, а во хроничната фаза имаме ерозивен артритис со сублуксација, луксација и други деформитети.

Лекување

Лекувањето опфаќа примена на НСАИЛ, антибиотици по антибиограм, кортикостероиди. Освен медикаментозна терапија се применува кинезитерапија за зголемување на подвижноста на зглобовите и зајакнување на околните ткива. Со подобар мускулен тонус се заштитуваат зглобовите од поголемо оштетување.

Многу важен сегмент од лекувањето е физикалната терапија. Во акутната фаза се користи криотерапијата за да се намали воспалителниот процес. Физикалната терапија и рехабилитација нуди можност за превенција и третман на реактивниот артритис вклучувајќи електротерапија за подобрување на циркулацијата, намалување на болката,спречување на спазам и контрактури и подобрување на мускулен тонус.

Avatar

Anita Nikolova

Автор Од:  декември 4, 2018