Неинвазивна вентилација со континуиран позитивен притисок (CPAP)

kak-izbavitsya-ot-hrapa-12

Терапијата со позитивен притисок преку маска за прв пат е опишана во 1936 година во терапијата на акутната респираторна инсуфициенција. Оттогаш се опишани многу начини и методи за негово аплицирање. Разјаснети се индикациите за употреба на CPAP, како и потенцијалните тешкотии од неговата употреба. CPAP терапијата (Continuous Positive Airway Preasure) претставува инструментална метода во респираторната терапија со која континуирано се инсулфрира додатен позитивен притисок во дишните патишта во текот на целиот респираторен циклус со помош на машина за дишење. Оваа терапија се спроведува со цел да се отвори и да се одржи отвореноста на алвеолите, да се подобри оксигенацијата и да се зголеми резидуалниот белодробен волумен, а да се подобри парцијалниот притисок на кислородот. CPAP-от  ја зголемува количината на кислород во артериите и истата преку нив се трансферира до сите органи . Станува збор за неинвазивна механичка вентилација која се спроведува со помош на маска за лице преку која се трансферира кислород со постојан позитивен притисок , третманот може да трае од 15 до 30 минути од еднаш до два пати дневно .

Овој тип на терапија се спроведува при претходно подготвено  белодробие а тоа значи прочистување на насобраниот белодробен секрет со помош на перкусиона терапија ,постурална дренажа и аеросолна инхалација. Само ваквата комбинација од респираторана физиотерапија и ЦПАП може да даде позитивни резултати од спроведениот третман на пациентот .  Терапијата може да се спроведува во амбулантски или домашни услови во зависност од целта која треба да се постигне и диагнозата која ја има пациентот но со претходна консултација со пулмолог .

Индикации за ЦПАП терапија се 

  • Ателектази и превенција од ателектази
  • Хронична опструктивна белодробна болест ,
  • Белодробен едем ,
  • Пневмонија,
  • Белодробна емоблија,
  • Инсуфициенција на респираторните мускули ,
  • Ноќна апнеја
  • Невролошка патологија и др.

Позитивни ефекти од третманот се :

  • Нормализирање на ритамот на дишење
  • Зголемена енергија и присутност во текот на денот
  • Зголемување на физичката кондиција
  • Нормализирање на сонот
  • Намалување на крвниот притисок
  • Намален ризик од срцев и мозочен удар
  • Зголемена ефикасност дома или на работа
  • Зголемен квалитет на живот

Производителите на машини за респираторна терапија во последните 10-тина години се насочија кон создавање на уреди со кои може и во домашни услови да се спроведува терапијата . Пациентите со ноќна апнеа имаат голем бенефит од ваков тип на терапија во домашни услови кои претходно се едуцираат за користење на уредите во текот на ноќта. Напредните софтвери дозволуваат континуирано следење на процесот на дишење и корекција на истиот по потреба од страна на самиот апарат . Препораката за користење на ваков тип на терапија во домашни услови доаѓа од  лекар специјалист-пулмолог кој во соработка со  физиотерапевт може да создадат план за респираторна рехабилитација на пациентот со комбинација од респираторна терапија и кинезитерапија .

Кинезитерапијата т.е медицинските вежби истотака играат голема улога во третманот на респираторните заболувања , бидејки кондиционирањето на респираторната мускулулатура помага во подобрување на респираторниот статус на пациентот и затоа е потребен заеднички пристап во третманот на овој тип на заболувања.

Avatar

Блаже Арсов

Автор Од:  септември 6, 2018

Дипломиран Физиотерапевт
Сертифициран Кинезиотејпинг практичар CKTP
Жан Митрев Клиника
Скопје,Република Македонија
е-маил: blaze.arsov@zmc.mk
телефон:+38970257962
web.www.zmc.mk