Кинезитерапија и рехабилитација при лумбална дискус хернија

207028190_340744137768587_8829026859280006055_n

‘Рбетниот столб е сложена структура, составена од 33 прешлени, со помош на која се осигурува стабилноста и подвижноста на човековото тело. Помеѓу секој прешлен (исклучок е меѓу првиот вратен прешлен и вториот вратен прешлен) се вградени интервертебрални дискуси. При нормални услови дискусите имаат  абсорбирачки и амортизирачки функции т.е го прифаќаат и пренасочуваат товарот кој доаѓа од горните делови до долните делови на телото.

Дискусите се меки ‘рскавични структури, здраво вградени меѓу прешлените опкружени со околните лигаменти, коските на ‘рбетниот столб и обвивките на мускулите. Секој диск е изграден од два дела:

  • Anulus fibrosus– надворешна флексибилна мембрана позната како прстен на дискот;
  • Nucleus pulposus– eластично јадро или центар на дискот.

Дискус хернија е заболување при кое се раскинува надворешниот фиброзен прстен (anulus fibrosus) на интервертебралните прешлени и тоа му дозволува на мекиот централен дел (nucleus pulposus) да се деформира, да навлезе во ‘рбетниот канал и да направи компресија на структурите кои се наоѓаат внатре. Дискус хернијата може да се јави на секој прешлен во ‘рбетниот столб, но најчести форми се цервикалната (вратната) дискус хернија и лумбалната (во областа на крстот). Лумбалната диксус хернија е 15 пати почеста од цервикалната и е една од најчестите причини за болка во крстот.

Во зависност од степенот на изместување на нуклеусот (јадрото)  дикус хернијата може да се класифицира во 4 степени:

  • Пролапс- нуклеусот се подместува, но не излегува надвор од прстенот.
  • Протрузија– се карактеризира со поместување на нуклеусот и кинење на влакната на анулусот, без да излезе од периферијата на интервертебралниот диск.
  • Екструзија– пулпозното јадро поминува преку раскинатиот фиброзен прстен и заден надолжен лигамент.
  • Секвестрација– тоа е крајната и најтешката фаза. Пулпозното јадро е навлезено во ‘рбетниот канал и може да врши компресија врз различни нервни структури.

Етиологиja

Механизмот на настанување на дискус хернијата е поврзано со кревање на поголема тежина, тежок пад, неправилно подигање на товар т.е при подигнување на товар ако наместо мускулите на долните екстремитети се користат мускулите на грбот. Најчесто се развива како резултат на лести наклонувања напред со ротација или продолжено заземање на поза поврзана со наклон напред и ротирање на ‘рбетниот столб. Типичната локализација  е во сегментот L4-L5 со зафатеност на нервно коренче L5 или L5-S1 со засегање на нервно коренче S1.  Во сегментот L5-S1 се извршуваат главно ротаторните движења на лумбалниот дел и од таа причина интервертебралниот диск е изложен на ризик од значително извртување.

Ризик фактори

  • Мажите се најзасегната група на возраст од 25- 50 години.
  • Поголема тежина на телото прави дополнителен стрес на интервертебралните дискуси во лумбалниот дел.
  • Професии поврзани со постојано кревање на товар , свиткување или ротација.
  • Заседнат начин на живот-продолжено седење.
  • Пушење- се смета дека пушењето го намалува дотурот на кислород до интервертебралните дискусите и доведува до нивна рана дегенерација.
  • Силна кашлица, кивање, искашлување.

 

Симптоми

Болката е главен симптом кој се јавува во лумбалниот дел на ‘рбетниот столб и продолжува по надворешната страна на колкот и подколеницата, предната страна на стапалото и палецот (L4 – L5). При силна болка пациентот не може да стои и оди. Болката може да се јави и на надворешната страна на стапалото до петите и малиот прст (L5 – S1).  Болката се јавува  од ослободување на хемиското соединение фосфолипаза А2 од нуклеусот што го раздразнува нервното коренче.

Чуство на пецкање може да се појави во стопалото и намалена чувствителност, понекогаш и целосна вкочанетост во екстремитетот.

Изразена ригидност се забележува во паравертебралната мускулатура,флексорите на колкот и триглавиот мускул на подколеницата.

Поради скратување на мускулите со зголемен тонус, трајно се издолжуват мускулите со намален тонус. Тоа се мускулите на стомакот, глутеалните мускули и дорзалните флексори на стопалото.

Губење на контролата врз мочнот меур и цревата. Оваа е редок симптом и при негова појава потребна е итна медицинска помош.

Кинезитерапија и рехабилитација при лумбална дискус хернија

  1. Стадиум- Остра фаза

Цели на кинезитерапијата:

  1. Контрола на болката и воспалението
  2. Намалување на мускулниот спазам
  3. Определување пози при лежење, стоење и спиење кои ја намалуваат болката во крстот.

Во стадиум на остар лумбален синдром пациентот треба да мирува во т.н. анталгична поза. Пациентот е легнат на грб на тврда подлога со свиткани долни екстремитети во колковите и колената, кои може да се постават на перници или стол. Главата и горниот дел од телото исто така треба да бидат леко подигнати. На тој начин лумбалната лордоза се израмнува, а меѓупрешленските простори се рашируваат, се намалува притисокот врз нервните структури и се намалува болката. Пациентот се поставува во анаталгична поза два до три пати во текот на денот, првите неколку дена во зависност од степенот на болката. Од физикалните средства во остриот стадиум може да се применува криомасажа во областа на крстот. Понатаму се аплицира електротерапија, диадинамски струи, интерферентни струи, фототерапија, ТЕНС, магнетотерапија, ласер, масажа и лумбална екстензија. Кинезиотејпинг лентите даваат добар резултат за намалување на притисокот и подобрување на циркулацијата на болното место во лумбалниот дел. Во зависност од типот на кожата и нивото на активност на пациентот се носат од неколку часа до една недела.

Медикаментозна терапија

  • Аналгетици
  • НСАИЛ: аспирин, ибупрофен, диклофенак, нимулид
  • Кортикостероиди
  • Витамин Б комплекс- помага за регенерирањето на евентуално повредени нерви
  • Мускулни релаксанти

2 Стадиум- субакутна фаза

Цели на кинезитерапијата

  1. Намалување на мускулниот спазам
  2. Враќање на мускулната сила на мускулите на грбот и долните екстремитети.
  3. Подобрување на подвижноста на ‘рбетниот столб и долните екстрмитети

Кинезитерапијата има важна улога при лекување на диксус хернијата. Една од нејзините цели е засилување на мускулите на грбот. Вежбите може да се изведуваат и профилактично при чести болки во крстот, сврзани со дегенеративни промени во интервертебралните дискуси.

Вежба 1

Пациентот е легнат на грб, долните екстремитети се свиткани во колената со стапалата поставени на подлогата. Благо се наклонува карлицата назад накај подлогата, така што се прави блага флексија на лумбалниот дел од ‘рбетниот столб. Абдоминалните мускули при оваа вежба не треба да се конрахираат, самото движењето да се прави во карлицата.

Вежба 2

Пациентот е во истата почетна положба како во претходната вежба. Колената и стапалата се доближени и се прави ротација на лумбалниот дел на лево, се враќа во почетна положба, па прави ротација на десно.

Вежба 3

Пациентот е во иста почетна положба како во претходната вежба. Под карлицата се поставува перниче или книга. Пациентот внимателно ја исправува едната нога, па другата. Рацете ги поставува над главата. Времетраењето на оваа вежба е една минута. Се постигнува тракција и опуштање на мускулниот спазам.

Вежба 4

Пациентот е во седечка положба. Со колковите се прави подигање на карлицата од лево и од десно наизменично.

3 Стадиум- хронична фаза

Цели на кинезитерапијата

  1. Подобрување на подвижноста на ‘рбетниот столб и долните екстремитети
  2. Вежби за стабилизирање на тонусот на абдоминалните мускули и колкот
  3. Враќање на мускулната сила на мускулите на грбот и долните екстремитети.

Вежба 1

На рибстол задржете се со рацете, телото да виси слободно. Се прават 2 серии по 30 секунди.

Вежба 2

Во мачкина поза бавно се вдишува, стомакот се испакнува кон подот, а погледот е насочен нагоре. Бавно се издишува грбот се испакнува нагоре, а погледот се насочува надолу кон долните екстремитети. Се прават 2 серии по 10 пати.

Вежба 3

Почетната положба е на грб, нозете ги свиткувате во колената и ги влечете кон градите. Во истото време главата се подига кон колената. Се задржува за неколку секунди.

Вежба 4

Во стоечка положба поставете ги рацете на двете страни од долниот дел на грбот. Со помош на рацете туркајте ја карлицата напред, во исто време се прави екстензија на вратот и ‘рбетниот столб. Се прават 2 серии по 10 пати.

Вежба 5

Пациентот е легнат на стомак, дланките ги поставува во ширина на рамењата и се подига бавно и внимателно, но колковите не ги одвојува од подот. Оваа вежба може да биде тешка на почетокот затоа е добро да се задржите само неколку секунди, а покасно да достигнете до 30 секунди. Вежбата се повторува 10 пати.

Вежба 6

Пациентот е легнат на грб со едната нога подигната нагоре. Се поставува крпа околу стапалото и се повлекува ногата кон телото. Се задржува за 10 до 15 секунди. Вежбата се повторува и со другата нога.

Вежба 7

Почетната положба е на грб со нозете свиткани во колената. Рацете се поставуваат покрај телото и внимателно се подига со колковите за затегнување на глутеалните мускули. Вежбата се повтара 10 пати.

Вежба 8

Пациентот е легнат на стомак. Подлактиците се поставени на подот, се подигнува со активирање на абдоминалните и глутеалните мускули, така што се потпира на подлактиците и прстите на стапалата. Времетраењето на вежбата се зголемува со зајакнување на абдоминалната и глутеалната мускулатура.

За одржување на подвижноста на ‘рбетот најдобро е да се прават вежби (јога, пливање), да се консумира здрава исхрана (храна богата со антиоксиданти), хидратација на телото (2,5 литри на ден), носење на колани, регулација на телесната тежина, откажување на пушењето и правилно држење на телото. Избегнување на нагли, силни движења и кревање тегови како и примањето на физикална терапија се смета за најдобра превенција од дискус хернија.

 

 

Користена литература

  1. Low Back Pain – Physiopedia (physio-pedia.com)
  2. 7 Herniated Disc Exercises For Lower Back (Lumbar Area) (backintelligence.com)
  3. Herniated disc treatment L5-S1 with 3 exercises to avoid surgery (alwaysfysio.nl)
  4. Exercise for Sciatica from a Herniated Disc (spine-health.com)
  5. 2 simple Kinesio taping for herniated disc pain relief last up to 72 hours – Be My Healer
  6. Кинезитерапия при често срещани неврологични заболявания-първа част- Даниела Попова, Мариела Филипова, Таня Мегова  Благоевград,2017
Avatar

Stefani Varga

Автор Од:  март 29, 2020