Што е сакроилиитис?
Сакроилиитис претставува воспаление на еден или двата сакроилијачни зглобови. Овие два зглобови се наоѓаат на местото каде што сакрумот (триаголниот дел на крајот од ‘рбетот) се поврзува со илиумот (дел од карлицата).
Сакроилиитисот е чест извор на болки во долниот дел на грбот или болки во глутеалната мускулатура или бутовите. Често е тешко да се дијагностицира бидејќи многу други состојби предизвикуваат болка на истите локации.
Што го предизвикува сакроилиитисот?
Воспалението на сакроилијачниот зглоб ги предизвикува повеќето симптоми на сакроилиитис. Многу медицински состојби предизвикуваат воспаление во сакроилијачниот зглоб, вклучувајќи:
– Остеоартритис – Овој тип на артритис може да се појави во сакроилијачните зглобови и е резултат на распаѓање на лигаментите;
– Анкилозен спондилитис – Ова е вид на воспалителен артритис на зглобовите на ‘рбетот. Сакроилиитисот е често ран симптом на анкилозен спондилитис.
– Псоријатичен артритис – Оваа воспалителна состојба предизвикува болки и отоци во зглобовите, како и псоријаза (лушпести дамки на кожата). Псоријатичниот артритис може да предизвика воспаление на ‘рбетните зглобови, вклучувајќи ги и сакроилијачните зглобови.
Други причини за сакроилиитис се:
– Траума – Пад, сообраќајна несреќа со моторно возило или друга повреда на сакроилијачните зглобови или лигаментите што го поддржуваат или го опкружуваат сакроилијачниот зглоб може да предизвика симптоми.
– Бременост – Хормоните генерирани за време на бременоста можат да ги релаксираат мускулите и лигаментите на карлицата, предизвикувајќи ротирање на сакроилијачниот зглоб. Тежината на бременоста, исто така, може да го напрега сакроилијачниот зглоб и да доведе до абење на зглобот.
– Пиоген сакроилиитис – Ова е ретка инфекција на сакроилијачниот зглоб предизвикана од бактеријата Staphylococcus aureus.
Дијагностика
Соодветно земена анамнеза е од големо значење, особено податокот за претходно прележани инфламаторни заболувања.
Исто така се применува:
- Физикални тестови за обем на движење;
- РТГ, компјутерска томографија, магнетна резонанса;
- Испитување на крвта – инфламаторни маркери.
Кои се симптомите на сакроилиитисот?
Вообичаени симптоми на сакроилиитис вклучуваат болка која:
- Се јавува во долниот дел на грбот, задникот, колкот или бутот;
- Се влошува по долги периоди на седење, стоење или станување од стол;
- Се влошува по ротирање на колковите;
- Се чувствува како остра болка или бодежи.
Третман на сакроилиитисот
Како најважен дел во третманот на оваа состојба се смета физиотерапијата. Физиотерапијата при оваа состојба е многу значајна за подобрување и зголемување на обемот на движење.
- Кинезитераписки вежби – тие се од големо значење. Се применуваат вежби за зајакнување и истегнување на параспиналната мускулатура со цел за поголем обем на движење;
- Вежби за стабилизација на карлицата;
- Функционална магнетна стимулација – за зајакнување на мускулатурата и обезболување;
- Кинезиотејпинг за стабилизација на лумбалниот дел на ‘рбетот;
- Мануелен третман (обработка на тригер точки).