Напредно
Пребарување

Современиот седечки начин на живеење, долготрајната работа пред компјутер, долготрајното возење автомобил, како и физичката неактивност се само некои од факторите кои поттикнуваат механичко нарушување на структурите на вратниот ’рбет и резултираат со појава на болни состојби. Во сите овие положби, главата е свиткана нанапред, со што се напрега или се оптоварува задната страна на вратот каде што се наоѓаат мускули, тетиви, зглобни врски, мали зглобови и дискови. Исто така, причина за појава на болка во вратниот ’рбет може да биде и ненадејно движење, како и генерално лошо држење на телото. Цервикобрахијалниот синдром се карактеризира со болка во вратот која се шири кон едната рака, а поретко кај двете раце. Се појавува трпнење во рацете, особено на врвовите на прстите, придружено со чувство на вкочанетост и ладно. Тегобите се изразени во утринските часови, а рефлексите и снагата на мускулите на рацете се ослабени.

Најчест причински фактор на цервикобрахијалниот синдром се дегенеративните промени на вратниот ’рбет. Тие започнуваат многу рано, околу триесеттата година од животот, а се јавуваат претежно на места каде што ’рбетот најмногу е оптоварен, односно на места каде што доаѓа до транзиција на добро подвижен сегмент во друг кој е помалку подвижен (во подрачјето на вратниот ’рбет на преминот од цервикалниот во торакалниот дел). Значајно место во етиологијата заземаат и:

  • посттрауматски повреди (на пример: трајна повреда на вратниот ’рбет често по сообраќајни незгоди), неправилна поставеност, односно неправилно држење на телото
  • долготрајно седење
  • работа пред компјутер која многу често резултира со пренапрегање на мускулите покрај ’рбетот
  • секојдневно повторувани микротрауми
  • физичка неактивност
  • изложеност на стрес (вибрациски стрес, повторувачки стрес)
  • несоодветна исхрана
  • прекумерна телесна тежина
  • професионална изложеност
  • климатски влијанија
  • генетска предиспозиција
  • возраст

 

Терапијата кај цервикобрахијалниот синдром се разликува во акутната и хроничната фаза. Во акутната фаза најважно е кратко мирување, земање аналгетици и краткотрајна имобилизација на вратниот ’рбет. Во хроничната фаза, главна улога има физикалната терапија со примена на медикаменти по потреба. Физикалната терапија се применува низ различни постапки кои се ординираат со индивидуален пристап кај секој пациент.

Во оваа фаза клучна улога има физикалната терапија со примена на медикаменти по потреба. Физикалната терапија се применува низ различни постапки кои се ординираат со индивидуален пристап кај секој пациент.Тоа се:

  • Електротерапија (дијадинамски, галванска, интерферентни струи, TENS)
  • Сонотерапија (ултразвук)
  • Магнетотерапија
  • Ласер
  • Топлински процедури (парафински облоги, инфрацрвена ламба)
  • Медицинска масажа
  • Насочена медицинска гимнастика
  • Работна терапија и ергономско советување
  • Препораки за програма за вежбање во домашни услови
  • Обнова на физикалниот третман 1-2 пати годишно

Посебно важно место во хроничната фаза има и медицинската гимнастика. Со примена на вежби се зголемува подвижноста, се истегнуваат скратените и се јакнат ослабените мускули. Сите вежби се изведуваат под надзор на физиотерапевт. За да се спречи појава на болка и други симптоми, потребно е да се променат некои однесувања. Доколку се седи и се работи долго време, треба да се направат кратки паузи со раздвижување и да се усклади висината на работната површина и на столот. Важна улога има и квалитетниот сон и одморот. Се препорачува спиење на умерено тврд и еластичен кревет со валчеста, цврста и еластична перница во лежечка положба настрана или на грб, а да се избегнува лежење на стомак. Да се спроведуваат вежби секој ден 15–20 минути за одржување на вратните мускули и за да се ублажат многубројните трауми на кои секојдневно е изложен вратниот ’рбет.

Содржина на статијата…

Остави го твојот коментар.

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.