Напредно
Пребарување

PTSP претставува продолжена или оптеретена реакција на екстремно трауматско искуство, што резултира со следните симптоми:

  1. Симптоми на повторно доживување на траумата:

Се јавуваат низ наметнати сеќавања на јаве и во сон, пратени со интензивен страв и/или доживување на физичка болка. Сеќавањата можат да бидат во облик на жива слика, мисли, мирисни и чувствителни случки. Понекогаш се толку интензивни што лицето мисли дека токму во тој момент повторно ја преживува траумата или ја гледа пред своите очи како на филмско платно. Претераната возбуденост, обидот за избегнување на ваквите состојби и можните ситуации, вкочанетост, чувство на страв се едни од главните симптоми. Накратко, емоционалната случка се појавува повторно, и тоа со интензитет и начин исто како за време на вистинската трауматска случка.

  1. Симптоми на избегнување:

Лицето ги избегнува мислите, чувствата, местата, лицата, разговорите или било која ситуација која го потсетува на трауматското искуство. намалена е заинтересираноста и учеството во важните активности. Се појавува чувство на отуѓеност, исфрленост односно бескорисност од една страна, а од друга страна пациентите говорат дека се чувствуваат празно, неемоционално.

  1. Симптоми на зголемена возбуденост:

Кај овие болни присутна е зголемена надразливост. Многу често на незначајни поводи реагираат бурно со пренагласени испади на лутина или имаат реакција на возбуденост пропратена со страв, се до паника. Присутни се пречки во концентрацијата и вниманието. При заспивањето постои потешкотија, зачестено будење со неможност за повторно заспивање. Инсомнијата е најистакнатиот симптом на ова заболување. Неретко се присутни и некои телесни симптоми, како што се зголемено потење, притисок во градите со чувство дека ќе експлодираат, главоболки, болки во абдоменот, односно разни болни синдроми.

Етиологијата на ова заболување не е позната, познато е дека единствена причина за настанување е изразената стресогена случка,

Клиничката слика наведува дека ПТСП се појавува како одложено или продолжен одговор на стресогена случја или ситуација, многу јака загрозеност или катастрофална природа која може да предизвика вознемиреност. Исто така се чести и вегетативните пореметувања и пореметувања во расположението. Најчесто доаѓа до анксиозност. Лицето кое преживеало тешко трауматско искуство, без обзир на состојбата во која се наоѓа, потребен му е психијатриска помош, пред се поддршка, а потоа и други тераписки методи. Доколку се работи за зголемено возбудување, страв, вегетативно пореметување потребно е да се ординира и медикаментозна терапија.

Текот на ова заболување зависи од интензитетот на трауматската случка и структурата на личноста, детерминирана и со поддршката од фамилијата и друштвената заедница, како и адекватните тераписки постапки во однос на акутелната клиничка слика.

Прогнозата зависи од исходот на лекувањето на лицето кое развило клиничка слика со ПТСП, но зависи и добар дел од:

  • Структурата на личноста;
  • Од тоа дали за време на настанувањето на ПТСП имало структуриран живот и семејство;
  • Од правовремената адекватна терапија и поддршката од околината;
  • Од сопствените вредносни критериуми.

Психофизиолошката проценка на симптомите кај акутното стресно пореметување и посттрауматското стресно пореметување се спроведува со мерење на биолошките процеси во организмот (електрична активност на мускулите, кожната спроводливост, крвниот притисок и дишењето, пулсот и др). Кожната спроводлвост се покажала како најдобар психофизиолошки показател кај лицата со акутно стресно пореметување по прометната несреќа.

 

Работно – тераписка проценка (иницијална)

Потребно е да се соберат сите податоци за пациентот, а тоа најдобро ќе го направиме доколку започнеме со интервју.

Работно – терапиското интервју ја сочинува сржта во планирањето на работно – тераписките интервенции. Работниот терапевт како член од здравствениот тим има за цел да ја набљудува активноста на пациентот, видот и зачестеноста на обавувањето на активностите.  Работно – терапиското интервју е насочено кон активноста на лицето. Работните терапевти можат да користат структурирано, полуструктурирано и неструктурирано интервју. Во овој случај, најдобро е да се започне со неструктурирано интервју. Во проценката на интервјуто лицето наидува низ недиференцирани потешкотии. Терапевтот помага во разјаснувањето на проблемот и на тој начин се намалува тешкотијата до разумно ниво. Употребата на парафразирање му помага на клиентот да ги прошири релевантните аспекти, на пример:

  • Можете ли да ми опишете што се случило последен пат кога сте биле вознемирени?
  • Дали тоа се случило во текот на изведувањето на некои активности при возење на автомобил?
  • Кога настанало тоа?
  • На кој начин мислите дека вашиот живот се променил откако ги имате проблемите?
  • Што спречува тој проблем, во кои активности освен возење на автомобил, шетање, сликање?

По интервјуто и добиените одговори и соберените податоци за клиентот, мораме да одбереме инструмент за проценка за систематско мерење на проблемите во активноста и (не)стандардизирани проценки и тестови. За поставена дијагноза на ПТСП, ги одбрав следните модели на проценка:

  1. Окупационен упатник (Occupational questionnaire) Developed by N. Riopel Smith with assistance from G. Kielhofner and J. Hawkins Watts (1986).
  2. COPM (The Canadian Occupational Performance Measure) Mary Law, Sue Baptiste, Anne Carswell, Marry Ann McColl, Heleno Polatajko, Nancy Pollock (1991).

COPM претставува канадски модел на окупационо изведување кој е стандардизиран модел за самопроценка на клиентите. Тој е заснован врз индивидуални проценки со цел откривање на промените во самоперцепцијата, продуктивноста и слободното време. COPM претставува стандардизиран инструмент, во смисла дека постојат одредени упати и методи за бодување на тестот. Измислен е како полуструктурирано интервју со структуриран начин на бодирање во траење од 20 до 40 минути со бодирање од 1 до 10. Бодирање:

  1. Дефинирање на проблемот.
  2. Тежина на проблемот.
  3. Бодирање.
  4. Повторна проценка.
  5. Проценка за понатамошен третман.

 

Пример за COPM проценка:

Проблеми: 1.      Важност 2.      Изведба 3.      Задоволство 1+2 1+3
Возење на автомобил
Спиење
Социјализација

Law Mary, Baptiste Sue, Carswell Anne, McColl Mary Ann, Polatajko Helene, Pollock Nancy. Canadian Occupational Performance Measure, An outcome measure for occupational therapy, Vol 57, Br. 2 http://www.caot.ca/pdfs/57(2)82-87.pdf

Во овој упатник се бара од клиентот да ги забележи своите вообичаени дневни активности и да одговори на некои прашања во врска со нив.

Прв дел: Во првиот дел се замолува клиентот да размисли како го поминал времето во минатите неколку недели. Да се одлучи што има активности од ден за ден. Активностите може да започнат од разговор со пријател, па се до кув ање или купување, или возење на автомобил. Потребно е да се забележат трајните активности.

Втор дел: По избројувањето на активнотите од страна на клиентот, мора да одговори на сите четири прашања за секоја активност. Од клиентот се очекува да одговори дали неговите активности се врзани со активности поврзани за себе, рекреација или одмор (пример, возење, кување, разговор). Исто така мора да одговори колку му се важни активностите, доколку успешно ги завршува и колку ужива во нив.

Прашање 1: Оваа активност ја сметам како:

  1. Работа.
  2. Грижа за себе.
  3. Рекреација.
  4. Одмор.

Прашање 2: Сметам дека оваа активност ја извршувам:

  1. Многу слабо.
  2. Слабо.
  3. Просечно.
  4. Добро.
  5. Многу добро.

Прашање 3: За мене, оваа активност:

  1. Е губење на време;
  2. Ја извршувам без волја;
  3. Немам одреден став;
  4. Важна;
  5. Многу важна.

Прашање 4: Оваа активност:

  1. Никако не ми се допаѓа;
  2. Не ми се допаѓа;
  3. Сеедно;
  4. Ми се допаѓа;
  5. Многу ми се допаѓа.

Како што беше напоменато, ПТСП претставува збир од анксиозни пореметувања, па така и терапијата треба да оди во таа насока. На почетокот можеме да се пслужиме со формулар од негативни мисли, но ова во почетокот може да биде доста тешко за клиентите. Клиентот тука ја опишува случката, кој учествувал, какви чувства имал спрема другите лица вклучени во случката, да се регистрира интензитетот, да се научи постапката на замена на негативни мисли со позитивни мисли. Се спроведуваат вежби за прогресивна мускулна релаксација, автогени тренинзи, вежби за дишење или визуализација. Исто така овие вежби може да се спроведат друпно со цел клиентот да се запознае и со други лица кои имале некое трауматско искуство, меѓусебно да си пружат поддршка, бидејќи поддршката од околината е многу важна за овие пациенти.

 

Вежби за дишење

Многу е важно да се научи да се дише правилно во стресните ситуации. Кога клиентот почувствува тешкотија, притисок и друго, оваа техника може многу да му помогне.

  1. Побарајте угодно место и легнете на грб.
  2. Поставете ги рацете под ребрениот лак 5 до 6 цм над папокот.
  3. Затворете ги очите и замислете како во вашиот стомак се наоѓа топка.
  4. Секој пат кога ќе вдишете замислете како топката се полни со зрак.
  5. Секој пат кога ќе издишете замислете како топката се празни.

 

Прогресивна мускулна релаксација

Вежбите за прогресивна мускулна релаксација се засноваат врз едноставни принципи на стегање и опуштање на големите мускулни групи.

  1. Десна шака и подлактица. Цврсто стегнете ја шаката – мускулите на шаката се тврди, во подлактицата се чувствува напетост, пртите лесно трнат. Потоа се опуштаат мускулите на шаката и подлактицата, нема тежина во нив, се повеќе се опуштени, раката е сосема лесна. Ова се повторува двапати.
  2. Десна надлактица – контракција во бицепсот на десната рака. Се наслонувате со лактото и ја стискате подлактицата истовремено спрема внатре, но шаката и подлактицата мора да се опуштени. Спротиставувајте и стискајте ја внатрешната страна, нека почне да се треси мускулот во внатрешната страна. Се опушта раката, мускулите се опуштени од прстите преку шаката, до надлактицата. Ова се повторува двапати.
  3. Истото се повторува и на левата страна на горниот екстремитет.
  4. Опуштање на челото. Максимално се подигнуваат веѓите, челото е напнато, набрано. Се отпушта челото. Се повторува двапати.
  5. Опуштање на носот. Носот е со набори, се треси, во очите има напетост. Се опушта. Се повторува двапати.
  6. Уста и брада. Цврсто се стегаат забите и се рашируваат краевите на усните колко што е возможно. Забите се стиснати, усните и образите максимално напнати. Се опушта. Усната е лесно полуотворена. Се повторува двапати.
  7. Опуштање на вратот. Брадата се наведнува спрема градниот кош, но без допирање. Во оваа положба се контрахираат мускулите на вратот некаде околу 60 секунди. Потоа се опуштаат мускулите.
  8. Мускули на горниот дел од трупот. Длабоко се зема воздух и рацете силно ги вкрстуваме една над друга. Се опушта. Процедурата се повторува 2 пати.
  9. Мускули на абдоменот. Цврсто се контрахираат мускулите на абдоменот, исто како кога сте во очекување дека некој ќе ве удри по абдоменот.
  10. Натколеница. Се прави силна екстензија на долниот екстремитет во коленото и се држи така околу 60 секунди. Потоа се опушта. Процедурата се повторува 2 пати.
  11. Потколеница. Се елевираат прстите на ногата и се прави контракции во предната ложа на мускулите на потколеницата. Натколеницата останува опуштена.
  12. Стапало. Стапалото се завртува спрема внатре и истовремено се згрчуваат прстите.

 

Евалуација

Крај на терапијата: лицето треба да се припрема уште на почетокот за ова, треба да се зголемат паузите помеѓу терапиите на крајот. Со тоа се зголемува самодовербата на клиентите со цел самиот да се соочи со проблемите.

Потребно е водење на днвник за да се согледа напредокот од терапијата. На крајот од третманот може да се процени успешноста на секоја цел со, на пример, целта е постигната или одреден напредок, или нема промени.

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.