Напредно
Пребарување

Опоравувањето од КОВИД 19 несомнено е континуитет. Во раната, акутна фаза на болеста, акцентот на лекување се става на акутните симптоми и компликации. Во фазата на опоравување присутни се или пак се појавуваат некои нови симптоми поради што одредени пациенти бараат адекватен медицински надзор и мониторинг на нивната состојба. Типичните симптоми кај дури 35% и повеќе случаи, после акутната фаза вклучуваат замор, диспнеа, болки во градите и кашлица. Освен физички и не така мал број на болни имаат и психички тегоби, како анксиозност, депресија, симптоми слични на пострауматско стресно пореметување. Некои симптоми исчезнуваат побрзо, односно после 2-4 недели, а некои можат да бидат присутни според актуелно достапните сознанија, со месеци ( 4-6 месеци ).

Важно е, со целни насоки да се посвети внимание на диспнеата, кашлицата, болката, односно било кој тип на нелагодност во градниот кош, прескокнувања на срцето, вртоглавица, слабост, кризи на свеста. Наведените пречки несомнено бараат целен, клинички преглед со мерење на виталните параметри.

При анамнезата, важно е да се посвети внимание дали симптомите се упорни, дали се влошуваат или сепак се работи за појава на нови симптоми кои може да упатуваат на развој на подоцни компликации од КОВИД 19, како што е миокардна повреда или воспаление, белодробна емболија, секундарна бактериска пневмонија.

Досега се регистрирани над 70 милиони потврдени случаи на инфекција ширум светот и повеќе од 1,5 милиони луѓе кои починале како резултат на КОВИД 19 вирусот. Според статистичките податоци на британското Национално биро за статистика објавени во декември 2020, едно од 10 лица со оваа болест има симптоми на КОВИД 19 и повеќе од три месеци по нејзиното надминување. И има се повеќе такви случаи. Долготрајните последици на коронавирусот по здравјето на оние кои го прележале и понатаму се непознати. Студија објавена во август покажа дека скоро три четвртини од пациентите третирани во болници страдаат од симптоми на КОВИД 19 дури и до три месеци после прележување на вирусот. Некои од нив изјавиле дека дури и секојдневните едноставни задачи како облекување, туширање, па дури и враќањето на работа им претставувале тешкотија.

 

Long COVID ?

Терминот Long Covid ( пролонгиран/долг КОВИД ) сеуште не е признаен како официјален медицински термин. Се користи за да се опише состојбата на луѓето на кои не им поминуваат симптомите на вирусот подолго од временскиот период, кој според СЗО е предвиден за да едно лице се зарази и ја прележи болеста, односно две недели. Луѓето со пост ковид синдром, откако ќе го прележат вирусот, покрај кашлица, треска, губење на вкус и мирис, може да чувствуваат замор, отежнато дишење, болки во мускулите и зглобовите, губење на меморијата, недостаток на памтење, па дури и депресија. Иако страдаат од долгорочни симптоми, овие лица не се сметаат за заразни.

Некои од долгорочните влијанија на овој вирус може да бидат неповратни. На пример, отежнато дишење често пати се должи на последици во белите дробови, за кои се смета дека може да остане трајно. Вирусот доведува до поголемо згрутчување на крвта, а тоа може да доведе до мозочен удар, што остава трајни последици и оштетувања на мозокот или, ако тромбот отиде во белите дробови, да доведе до белодробна емболија што го уништува белодробното ткиво. Во ваквите случаи, можат да се видат структурните оштетувања во телото, што ги предизвикува овој вирус. Од ова може да заклучиме дека исходот на вирусот може да остави хронични последици врз организмот.

Мијалгичен енцефаломиелитис е болест, исто така, наречена синдром на хроничен замор, невроимуна состојба со симптоми кои вклучуваат продолжен замор, болки во мускулите, главоболки, летаргија, недостаток на енергија, несоница и апатија. Ова се само некои од симптомите на оваа болест кои можат да траат со децении. Тука се поставува прашањето дали Ковид 19 е еден од многуте вируси кои потенцијално може да ја активира оваа состојба. Или дали ќе биде тригер за некој нов синдром кој би бил со сосем различен исход? Оваа болест е состојба за која сеуште не се знае доволно, но заморот како дел од горенаведените симптоми може да трае подолго и од 24 часа и да се јави после секој напор, лош сон, силна главоболка, или после било која минимална активност.

 

Зошто КОВИД 19 кај некои пациенти има последици и подолг временски период ?

Не е потполно познато зошто кај некои пациенти КОВИД 19 вирусот има последици и подолг временски период од очекуваниот. Како и кај другите пост вирусни синдроми, продолженото чувство на замор неможе да се поврзе директно со некое трајно оштетување. Може да биде поврзано со дисфункција на централниот нервен систем, бидејќи се смета дека овој вирус има големо влијание и ефект врз нервниот систем. Една од причините може да биде и прекумерната тежина. Покрај тоа, и луѓето кои биле со поблаги симптоми и се лекувале од дома, можат да имаат долготрајни последици на вирусот. СЗО истакнува дека вирусот претставува ризик од сериозни, трајни последици дури и меѓу младите кои воопшто не биле хоспитализирани.

Знаеме дека губењето на мирис е карактеристичен симптом за КОВИД 19, а кај некои луѓе тој симптом продолжува дури и после акутната фаза на болеста. Сеуште не е јасно зошто. Постојат некои докази дека вирусот директно ги напаѓа нервите за мирис, иако тоа не се случува постојано. Постојат некои сознанија дека вирусот може да ги користи олфакторните нерви како канал за да стигне до мозокот.

Постојат истражувања кои ја докажуваат потребата од трајна нега за пациентите после отпуштање од болничко лекување, особено оние кои имале сериозна инфекција. Студијата открива дека 76% од пациентите се изјасниле дека сеуште имаат симтоми. Замор или слабост на мускулите пријавиле 63%, додека 26% имале проблем со спиењето.

 

Физиотерапевтска проценка на пациентите кои го прележале КОВИД 19

Препораките предвидуваат дека пациентот треба да се јави на физиотерапевтска проценка две недели по излегувањето од болница или откако симптомите ќе бидат намалени доколку продолжиле или се развиле нови функционални ограничувања . Оваа консултација со физиотерапевтот се спроведува со цел  да се утврди состојбата на воочените ограничувања во физичкото функционирање на кои се жали пациентот.

Физиотерапевтите преку примена на соодветни мерења и тестирања можат да го проценат физичкиот и белодробниот статус на пациентот преку соодветни функционални тестови и  мерења и дадат предлог за започнување со процесот на пост ковид-физиотерапија.

Препорачливо e да се користат следните мерења и тестирања за проценка  :

  • Скалата за специфична функционалност на пациентите (PSFS)
  • Мерење на периферна сатурација и срцева фрекфенција, пред , за време и после физичка активност
  • Борг скала CR10 пред, за време и после физичка активност

Исто така, од суштинско значење е физиотерапетвот да ја земе предвид и информацијата за тоа дали пациентот бил лекуван и колку долго на оддел за интензивно лекување бидејќи овие пациенти обично имаат многу мала толеранција за вежбање. Друг важен фактор е да се провери постоењето на коморбидитети стекнати пред или од КОВИД-19, вклучувајќи ги и евентуално погодените органи. Врз основа на добиените информации од други медицински прегледи и самиот пациент, заедно со специфичните потреби на пациентот, физиотерапевтот одлучува дали постои индикација за физиотерапија. Најчесто тоа се пациенти, кои имаат намален функционален капацитет и/или намалено ниво на физичка активност.

Според сите светски препораки пациентите треба да направат контролен преглед кај интернист, кардиолог или пулмолог првиот месец после отпуштањето од болница со цел да се спроведе специфична проценка на белодробната и срцевата функција. Резултатите од овие тестови ќе ја покажат моменталната физичка кондиција на пациентот, а тоа е дополнителна информација која ќе му помогне на физиотерапевтот  да направи соодветен програм со специфични вежби и да го води пациентот низ процесот на рехабилитација според неговите потреби и цели .

 

Каков тип на третмани вклучува ПОСТ КОВИД 19 физиотерапијата ?

Видовите и бројот на тремани кај овие пациенти е според нивните потреби и можности т.е во зависнот од ефектите предизвикани од болеста. Физиотерапијата има голем број на техники и методи кои можат да се искористат за да влијаат на подобрувањето на физичкиот и белодоробниот капацитет. Предност има респираторната физиотерапија, која може да биде комбинирана со дополнителен третман за мускулно скелетниот систем доколку дозволува моменталниот статус на пациентот. Индивидуалниот план за физиотерапија може да содржи специфични вежби со ерговелосипеди, тренажери, респираторна физиотерапија, електротерапија за зајакнување на мускулатурата и слично. Дел од третманите може да бидат спроведувани и во домашни услови со давање на домашни задачи на пациентите (тие со подобра состојба). Станува збор за индивидулани програми со вежби за кои пациентот ќе биде едуциран за правилно спроведување и контролиран преку онлјан консултации.

 

Цели на ПОСТ КОВИД 19 физиотерапијата

Целта на третманот со физиотерапија е да му овозможи на пациентот дополнително да ја зголеми физичката активност и да го подобри капацитетот за вежбање. Се чини дека е разумно да се претпостави дека принципите на третмани, како што се оние што се користат со пациенти со хронични белодробни заболувања, можат да се применат кај пациенти по КОВИД-19. Кога резултатите од претходните тестирања не покажуваат сериозно ограничување или ризици, интензитетот на третманот, времетраењето  и видот на вежбите може постепено да се зголемуваат.

За да се минимизира ризикот од опасност од преоптоварување, треба да се измери заситеноста на кислород (SpO2) пред, за време и по вежбање. Ако пациентите не покажат никакви негативни промени на заситеноста за време на физичка активност и вежбање во првите 2 недели од зголемениот интензитет на вежбање, тогаш интензивното следење на SpO2 не е индицирано повеќе. Планот за вежбање треба да се фокусира на формулираните цели на третманот, кои тие треба да се засноваат на тековните физички функции и нивоата на активност на пациентот.

Доколку се идентификуваат ограничувања кои не можат да се решат во областа на физиотерапијата, пациентот треба да биде упатен повторно кај интернист, пулмолог или кардиолог со цел да се изнајде друго решение на проблемите.

 

Когнитивна рехабилитација

КОВИД 19 исто така може да влијае на нервниот систем, вклучително и на мозокот. За некои луѓе, ова може да резултира со когнитивни промени. Пациентите, кај кои се појавува пост ковид синдромот може да доживеат :

  • Проблеми со меморијата
  • Проблеми со концентрацијата
  • Замаглување во главата
  • Драматични промени во расположението
  • Губење на вкус или мирис

Луѓето со тешка клиничка слика на КОВИД 19 можте исто така да доживеат когнитивни промени. До 80% од луѓето кои се на пролонгирана механичка вентилација доживуваат делириум, што може да вклучува и халуцинации. За критично болни пациенти на кои не им е потребна механичка вентилација, состојбата може да влијае на 20-40%.

Когнитивната терапија за рехабилитација може да помогне со управувањето или со потенцијалното закрепнување од компликациите кои може да се појават. Оваа терапија им помага на пациентите да практикуваат специфични модели на размислување и однесување за да ги зајакнат своите когнитивни способности. Ова може да вклучува :

  • Тренинг за враќање на меморијата
  • Логопедија
  • Ментални вежби
  • Психолошка подршка за луѓето кои се чувствуваат конфузно или дезориентирано

 

Подршка за ментално здравје

Преживувањето низ тешка болест, како што е КОВИД 19 може да влијае на менталното здравје на една личност на повеќе начини. Некои луѓе кои прележале КОВИД 19 може да доживеат психолошка траума, што е одговор на екстремен стрес. Траумата може да предизвика вознемиреност, депресија или дисасоцијација, што може да резултира со чувство на исклучување од мислите, чувствата или искуствата на една личност. Луѓето кои минуваат низ трауматски настан можеби не го памтат јасно, или се сеќаваат само на одредени делови.

Некои луѓе кои доживуваат траума продолжуваат да развиваат посттрауматско стресно нарушување, што предизвикува подолготрајни симптоми, вклучително и ретроспективи и кошмари. Кај некои луѓе може да се појави дури и депресија.

Достапни се ефективни третмани и терапии за траума, посттрауматско стресно нарушување, депресија и било каква друга ментална здравствена состојба која може да се појави како резултат на прележан КОВИД 19. Тие пациенти кај кои се јавуваат овие компликации може да имаат корист од :

  • Психолошка терапија, без разлика дали е онлајн или лично
  • Групи за подршка на лица со одредена состојба
  • Групи за подршка на лица кои прележале КОВИД 19
  • Активности кои го намалуваат стресот и анксиозноста, како што е на пример јогата

Од сето ова, заклучуваме дека КОВИД 19 е опасен вирус, кој што може да остави трајни последици кај сите пациенти, дури и кај оние кои немале никакви симптоми за време на болеста. После прележување на вирусот, би било подобро да не се започнува веднаш со поголема физичка активност, односно пациентите да не се враќаат веднаш на претходната рутина што ја имале секојдневно, т.е постепено да се прави тренинг на телото, со постојано следење на моменталната состојба и физичката подготвеност на организмот. Иако многу прашања сеуште не се одговорени, бидејки пандемијата е во тек, сепак времето и претходното искуството ќе ни помогнат да ги идентификуваме специфичните потреби на пациентите после КОВИД 19 и според истите да започнеме со индивидуална рехабилитација кај овие пациенти.

Сподели на:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

Напомена!

Целата содржина припаѓа на авторот и е во целосна негова сопственост и одговорност. Сите содржини се заштитена врз основа на правото за лична и интелектуална сопственост и сродните права. Доколку приметите злоупотреба, дискриминација и навредливи содржини, слободно контактирајте не.